25 септември, Битола – Селекторката Марија Апчевска, претстави две екипи од селекцијата на кратки филмови. Режисерката на филмот „Бреза“, Пејсли Валентин Валш говореше за идејата за филмот.

-Спомените од детството беа главната идеја да го снимаме филмот. Настојувавме целото време да се држиме до спомените, рече Пејсли.

Филмот е сниман на филмска лента, што е многу тешко.

-Уште потешко е кога имате и куче и две деца и немате можност повеќе пати да ги снимате сцените. Изборот да работиме со филмска лента сметаме дека дава опипливост на публиката, истакна Винченцо Марангино, кинематографер на филмот „Бреза“.

Вториот филм од селекцијата на кратки филмови, кој беше претставен денеска, беше филмот „Без љубов“, кој е снимен во тешки услови на планина.

-Снимавме три дена во Маврово, локацијата е во Македонија, и беше тешко да се работи во тие услови. Знаеме дека особен впечаток остава сцената на скокањето во езерото, која не беше воопшто лесно да се сними, но успеавме, рече режисерката и сценарист на филмот, Дина Дума.