Во рамките на програмата „Макпоинт“ на фестивалот „Браќа Манаки“,меѓу четирите наслови на 25 септември ќе биде прикажан и документарниот филм „Ренесансен ембрион“. Ова речиси полчасовно документаристичко видување на фрескосликарството со алтернативен приод е во режија на Милан Јакшиќ. Станува збор за премиерно прикажување на филмот, кој од идејата до својата реализација поминал повеќегодишен пат. За иницијалната идеја, можностите за младите филмаџии и процесот на работа разговаравме со Јакшиќ.

Јакшиќ вели дека оваа идеја ја добил уште како студент на Факултетот за драмски уметности. Истражувал долго, и приказната се надградила самата по себе.

„Почетоците на овој мој прв самостоен проект датираат од 2010 година. Идејата се роди при мојата посета и разговорот со еден кустос во Музејот на Град Скопје. Наидов на копија од фреската на Ангелот од Курбиново (фреска која се наоѓа на монетата од 50 македонски денари) и бев информиран дека таму лежи голема неоткриена вистина. Тоа за мене беше доволен податок да продолжам со информирање за самиот манастир, да истражувам и да се информирам за времето и историските околности на Македонија во тој период. Како се продлабочуваа моите истражувања дојдов до податок кој за мене беше доволен показател дека тука лежи едно добро сценарио за документарен филм. Ми стана јасно дека во Македонија во тој период е скриен ембрионот на ренесансното фреско-сликарство. Па така по тоа сознание ми беше потребно 2 месеци да го напишам и да го разработам сценариото.

Го работев детално со поддршка на научни факти и референции од литература која се наоѓа во светски списанија за Историја на византиската уметност. Воедно сакам да се заблагодарам и до „Лавиринт продукција“ и продуцентот Петар Џуровски, како и на директорот на фотографија, проф. Горан Наумовски за соработката и успешната реализација на мојот прв самостоен документарен филм. Сметам дека успеавме да го докажеме обратниот пат, да докажеме дека светската ренесанса почнала во Македонија 2 века порано од онаа во Италија во 14 век. Чувствував одговорност и потреба да ја исправам таа историска неправда со факти и аргументи во овој мој филм“.

Тој вели дека негува посебни афинитети кон документарниот филм, бидејќи овој филмски израз е начин да се проговори за различни вистини.

„Љубител сум на документарниот филм. Според мене оваа форма го претставува она што сум јас во суштина. Борец за вистината. Добар документарен филм е за мене оној кој ќе ја докаже вистината за некоја приказна. Градејќи се како личност кој се занимава со филм, најголем дел од делата на кои имам работено се документарни филмови. Неверојатно е колку го сакам и колку се поистоветувам со документарниот филм“.

Според Јакшиќ, Македонија има огромно филмско богатство, почнувајќи од времето на браќата Манаки па до денес. Сепак, смета дека условите за филмаџиите се сложени и патот до конечен производ е трнлив.

„Во Македонија условите за работа на филм се тешки. Трнлив е патот по кој чекорат сите филмски работници. Сметам дека доволно не се цени нашата работа. При мојот престој во Белград, додека бев на мастер студии по филмска монтажа на ФДУ – Белград, имав особена чест уште на приемниот испит да чујам пофални зборови за мојот ментор од ФДУ Скопје – проф. Димитар Грбевски. Професорите во Белград ја препознаа школата од мојот ментор низ делата кои ги приложив за тој приемен испит. Тогаш сфатив колку сме ние како луѓе повеќе признаени надвор отколку дома. Сметам дека стимулацијата на македонската кинематографија треба да започне уште во студентските денови. Потребна е поголема поддршка од Министерството за култура, потребни се разменувања на искуства со студенти од странство со цел збогатување на информациите, но и создавање на подобри дела. Апелирам до министерството да обрне внимание на тоа, станува збор за идни генерации монтажери, режисери, продуценти, сниматели, драматурзи и тн. Кога сите ние уште од помлади ќе бидеме поткрепени за создавање на уметничи дела нашата желба за филмот (сликите во движење) нема да згасне“.