25 септември, Битола – Денешниот ден на фестивалот започна со претставувањето на филмот од програмата Перспективи на европскиот филм „Брак“ и режисерката Блерта Зекири.

Станува збор за косовски филм кој прикажува необичен љубовен триаголник, каде на само две недели пред свадбата на Анита и Беким, во градот доаѓа Нол, тајниот љубовник на Беким.

-Филмот отвара тема за која сме свесни дека постои, но некако е на маргините на општеството. Проблемот со кој се соочува ЛГБТ заедницата е мошне храбро обработена. Иако ги има сите аспекти на едно балканско општество, има и многу убави патријархални сцени, со негување на традиционалните вредности, затоа што луѓето во публиката не се секогаш подготвени да видат сцени на водење љубов меѓу двајца актери кои се мажи, рече Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Перспективи на европскиот филм“.

Филмот „Брак“ е прв долгометражен филм на режисерката Зекири и имаше голем успех на фестивалите досега.

-Огромно беше влијанието на актерите во пишувањето на сценариото, но сакам да ја истакнам и нивната храброст што прифатија да бидат дел од овој проект затоа што во Косово кога почнавме да го снимаме филмот во 2012-2013 година, имаше голем инцидент на забавата која промовираше издание посветено на ЛГБТ заедницата. Таму дојде голема група екстремисти кои уништија се’, а некои луѓе беа претепани. Затоа и ние бевме преплашени дека нешто слично може да ни се случи и нам со оглед на тематиката на филмот. Филмот го чувавме во тајна, медиумите ја знаеја темата, но ни помагаа и не објавија ништо се додека не го завршивме. Голем удел имаа и актерите Албан Укај, кој е многу популарен, работел во странство и тој е како косовски Брет Пит, сите го сакаат, а улогата на Нол, љубовникот во филмот, ја толкува косовската рок-ѕвезда, Генц Салиху, рече Зекири.

За филмот „Зимски муви“, кој синоќа се прикажа во компетиција за „Златна камера 300“, говореше кинематограферот, Лукаш Милота. Филмот и кинематограферот ги претстави Благоја Куновски-Доре, селектор на главната програма на Фестивалот.

-Децата не се професионални актери. Доста долг процес беше работењето со нив, пробите траеја повеќе од шест месеци, но потоа го добивме ефектот на тинејџери авантуристи кои во филмот тргнуваат по смрзнатиот пејзаж на југ во потрага по авантура, рече Милота. Тој е втор пат на фестивалот „Браќа Манаки“.

Милота кажа дека користел камера „Алекса мини“, бидејќи била компактна и лесна за ракување, особено за овој филм.

Марија Апчевска, претстави две екипи од селекцијата на кратки филмови. Режисерката на филмот „Бреза“, Пејсли Валентин Валш говореше за идејата за филмот.

-Спомените од детството беа главната идеја да го снимаме филмот. Настојувавме целото време да се држиме до спомените, рече Пејсли.

Филмот е сниман на филмска лента, што е многу тешко.

-Уште потешко е кога имате и куче и две деца и немате можност повеќе пати да ги снимате сцените. Изборот да работиме со филмска лента сметаме дека дава опипливост на публиката, истакна Винченцо Марангино, кинематографер на филмот „Бреза“.

Вториот филм од селекцијата на кратки филмови, кој беше претставен денеска, беше филмот „Без љубов“, кој е снимен во тешки услови на планина.

-Снимавме три дена во Маврово, локацијата е во Македонија, и беше тешко да се работи во тие услови. Знаеме дека особен впечаток остава сцената на скокањето во езерото, која не беше воопшто лесно да се сними, но успеавме, рече режисерката и сценарист на филмот, Дина Дума.

Како дел од програмата „Првите филмови први“, мастер класа одржа кинематограферот Кристијан Бергер и сценографот Кристоф Кантер на тема „Создавањето на визуелен стил во филмовите на Ханеке“. Присутните ги поздрави директорката на фестивалот Гена Теодосиевска и координаторот на програмата, Стефан Арсенијевиќ, кој рече дека му е чест што веќе трета година оваа програма соработува со фестивалот „Браќа Манаки“. Модератор на предавањето беше Самир Љума.

Предавањето беше фокусирано на три филмови од Ханеке на кои тие соработувале. На прашањето дали сценографот на филмот е некој вид културен антрополог, Кантер одговори дека тоа е навистина е така, бидејќи треба да се истражи темелно за сите одредници на времето што е прикажано во филмот. Бергер ја истакна соработката со неговите колеги кинематографери, од кои еден е токму Роџер Дикинс, кој му помогнал кога го работел филмот „Белата панделка“. Во однос на кадрирањето, Бергер посочи дека со тек на времето, добриот кинематографер едноставно развива чувство колку информации треба да му даде на гледачот. Тој многу често бил инспириран од ликовната уметност. Бергер и Кантер беа согласни дека работејќи на филмовите на Ханеке треба секогаш да бидат сигурни дека имаат иста интерпретација како режисерот, особено за она што не е напишано во сценариото.

По синоќешната проекција на документарниот филм „Живеејќи ја светлината“, посветен на животот и делото на кинематограферот Роби Милер, кој во 2016 година беше добитник на Златна камера 300 за животно дело, режисерката Клер Пијман и сопругата на Роби Милер, Андреа Милер одговараа на прашања од публиката.

-Чест ми е што сум тука меѓу толку добри и познати кинематографери, а овој филм иако јас го снимав и го монтирав во снимките наоѓам нешто ново и навистина сум благодарна што ни дадовте шанса тука да го прикажеме филмот. Структурата на филмот ја диктираше огромната архива на снимки и фотографии, рече режисерката Пијман.

Неговата сопруга, Андреа, рече дека на Роби Милер светлината и работата му биле важни во животот, исто како и семејството, но филмот многу убаво прикажува дека довербата му беше многу важна за него и во комуникацијата со семејството, но и во работата. Роби сакаше да работи со режисери во кои има доверба и кога таа доверба ќе беше возвратена, соработката „процветуваше“.

На проекцијата присуствуваше и Роџер Дикинс и рече дека многу ја цени работата на Милер, особено начинот на кој ги користел боите и дека извршил големо влијание врз неговата работа, и посочи дека на пример, филмот „Да се живее и умре во Лос Анџелес“ го променил начинот на кој се работи во Холивуд.

Филмот посветен на Роби Милер премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал во Венеција, кратко време откако тој почина. Неговата сопруга Андреа рече дека за семејството било комплицирано да се гледа филмот, но сфатиле дека тоа е прекрасен споменик на делото на Роби Милер. Исто така, таа се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ и рече дека кога доаѓала во Битола тоа за неа имало посебно значење, бидејќи го следела патот на нејзиниот сопруг, кој присуствувал повеќепати на фестивалот „Браќа Манаки“.

Инаку, ѕвездата на годинашниов фестивал, Клаудија Кардинале и нејзината екипа, вчера го посетија Охрид. Таа беше воодушевена од охридските бисери, природата и охридските цркви.

Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ јавно се заблагодари на Завод и музеи Охрид и на директорката Елеонора Новаковска за тоа што овозможи на светски познатата филмска дива Клаудија Кардинале и високите гости на фестивалот да се запознаат со културното богатство на Македонија. Гостите го посетија Охрид во понеделникот и иако беше неработен ден, директорката Новаковска овозможи тие, сепак, да ги видат вредните експонати на културното богатство на Македонија.

Утрово во Центарот за култура во Битола беше живо и исполнето со детски џагор, конечно дојде и најмладата публика, бидејќи почна детската програма.

Во тек е и студентската програма, на фестивалот се присутни 30 студенти од 15 академии од регионот.

Утре на програмата на Фестивалот е вториот ден од Балканската конференција ИМАГО, како и средба со Саид Олуд Келифа и Домикик Бакс, кои ќе говорат за филмските фестивали и филмската критика.