И двајцата се режисери кои во актуелното време со лажни и вистински информации, сувопарни франшизи и лабораториски арт-филмови се обиделе да најдат кратка филмска форма што сè уште цврсто опстојува.

Годинешната натпреварувачка програма за краткометражни филмови во селекција на Апчевска и Пејовски се состои од дела што повеќе отвораат прашања отколку што даваат одговори. Селекторите избраа 9 наслови во кои учинокот на кинематограферите е нераскинлив дел од филмската нарација.

Што сакавте да постигнете со вашиот избор, и дали го постигнавте тоа?

Марија Апчевска: Пристигнаа одлични филмови во навистина голем број, и ние бевме задоволни од изборот што можевме да го направиме. Избравме 9 филмови кои се различни: сакавме да имаме диверзитет во програмата, да бидат застапени различни теми, различни стилови, филмовите да потекнуваат од различни држави… Сметаме дека направивме добар избор. Останува на публиката и критиката да кажат.

Даријан Пејовски: Одговорот на прашањето дали сме го постигнале тоа што сме го посакувале зависи од тоа какви филмови пристигнале. Мислам дека конкуренцијата беше прилично силна во филмовите што беа понудени…

Дали беше пречка, или, пак, бенефит фактот што и двајцата сте режисери?

Даријан Пејовски: Повеќе беше пречка, бидејќи и двајцата како режисери знаеме какво е чувството кога ќе те одбијат на фестивал. Нормално дека имавме симпатија кон сите филмови кои аплицирале, и најтешко ни беше што моравме да одбереме само 9 филмови. Но, во секој случај, мислам дека сите филмови кои влегоа во официјалната конкуренција за краток филм се навистина квалитетни. Добро е тоа што имаме два македонски филмови, и ја продолжуваме традицијата на промовирање на млади македонски кинематографери преку кратката програма.

Марија Апчевска: Апсолутно се согласувам со Даријан. Изборот не беше лесен, и ние сме биле од другата страна, а ќе бидеме и во иднина, па тоа ни беше извесен хендикеп. Мислам дека ако имавме можност за селекција на повеќе филмови, ќе бевме позадоволни, бидејќи имаше одлични дела, но мораше да се запази бројката.

„Кликна“ ли нешто кај вас додека ја правевте селекцијата, во смисла на блискост на вашиот авторски сензибилитет со режисерите што аплицирале?

Марија Апчевска: Имаше филмови кои можеби ни беа блиски според сензибилитетот, но не влегоа во финалната селекција, и обратно, филмови кои не ни биле блиски според сензибилитетот, но поседувале други квалитети и биле вредни да бидат прикажани во програмата.

Даријан Пејовски: Најголемиот проблем ни беше да се изземеме од нашиот вкус и сензибилитет, и да пробаме да бидеме, условно кажано, објективни кон различните стилови и жанрови. Мислам дека од тој аспект ја испочитувавме нашата објективност.