25 септември, Битола – Во програмата Перспективи на европскиот филм на прес-конференција беше претставен филмот „Брак“ и режисерката Блерта Зеќири. Станува збор за косовски филм кој прикажува необичен љубовен триаголник, каде на само две недели пред свадбата на Анита и Беким, во градот доаѓа Нол, тајниот љубовник на Беким.

-Филмот отвара тема за која сме свесни дека постои, но некако е на маргините на општеството. Проблемот со кој се соочува ЛГБТ заедницата е мошне храбро обработена. Иако ги има сите аспекти на едно балканско општество, има и многу убави патријархални сцени, со негување на традиционалните вредности, затоа што луѓето во публиката не се секогаш подготвени да видат сцени на водење љубов меѓу двајца актери кои се мажи, рече Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Перспективи на европскиот филм“.

Филмот „Брак“ е прв долгометражен филм на режисерката Зеќири и имаше голем успех на фестивалите досега.

-Огромно беше влијанието на актерите во пишувањето на сценариото, но сакам да ја истакнам и нивната храброст што прифатија да бидат дел од овој проект затоа што во Косово кога почнавме да го снимаме филмот во 2012-2013 година, имаше голем инцидент на забавата која промовираше издание посветено на ЛГБТ заедницата. Таму дојде голема група екстремисти кои уништија се’, а некои луѓе беа претепани. Затоа и ние бевме преплашени дека нешто слично може да ни се случи и нам со оглед на тематиката на филмот. Филмот го чувавме во тајна, медиумите ја знаеја темата, но ни помагаа и не објавија ништо се додека не го завршивме. Голем удел имаа и актерите Албан Укај, кој е многу популарен, работел во странство и тој е како косовски Брет Пит, сите го сакаат, а улогата на Нол, љубовникот во филмот, ја толкува косовската рок-ѕвезда, Генц Салиху, рече Зеќири.