25 септември, Битола – По синоќешната проекција на документарниот филм „Живеејќи ја светлината“, посветен на животот и делото на кинематограферот Роби Милер, кој во 2016 година беше добитник на Златна камера 300 за животно дело, режисерката Клер Пијман и сопругата на Роби Милер, Андреа Милер одговараа на прашања од публиката.

-Чест ми е што сум тука меѓу толку добри и познати кинематографери, а овој филм иако јас го снимав и го монтирав во снимките наоѓам нешто ново и навистина сум благодарна што ни дадовте шанса тука да го прикажеме филмот. Структурата на филмот ја диктираше огромната архива на снимки и фотографии, рече режисерката Пијман.

Неговата сопруга, Андреа, рече дека на Роби Милер светлината и работата му биле важни во животот, исто како и семејството, но филмот многу убаво прикажува дека довербата му беше многу важна за него и во комуникацијата со семејството, но и во работата. Роби сакаше да работи со режисери во кои има доверба и кога таа доверба ќе беше возвратена, соработката „процветуваше“.

На проекцијата присуствуваше и Роџер Дикинс и рече дека многу ја цени работата на Милер, особено начинот на кој ги користел боите и дека извршил големо влијание врз неговата работа, и посочи дека на пример, филмот „Да се живее и умре во Лос Анџелес“ го променил начинот на кој се работи во Холивуд.

Филмот посветен на Роби Милер премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал во Венеција, кратко време откако тој почина. Неговата сопруга Андреа рече дека за семејството било комплицирано да се гледа филмот, но сфатиле дека тоа е прекрасен споменик на делото на Роби Милер. Исто така, таа се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ и рече дека кога доаѓала во Битола тоа за неа имало посебно значење, бидејќи го следела патот на нејзиниот сопруг, кој присуствувал повеќепати на фестивалот „Браќа Манаки“.