24 септември, Битола – На прес-конференција беше претставен тимот од филмот „Благородни лаги“, кој синоќа беше прикажан во чест на Клаудија Кардинале, добитничката на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Изненадување за новинарите беше што дојде и Клаудија Кардинале, заедно со Паоло Роси, продуцент на филмот, и Емануела Закерини, продуцент.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска ја претстави екипата истакнувајќи дека филмот „Благородни лаги“, снимен во 2017 година, предизвика големо интересирање во јавноста, а Кардинале дополни дека многу и’ се допаднала улогата во филмот.

– Ми се допадна сценариото и ентузијастички реагирав на него, бидејќи беше и дебитантски филм на режисерот Антонио Пису. Јас во филмот играм старица, мажена сум за еден постар човек и имам еден постар брат, но морам да кажам дека бев опкружена со многу добри актери и сметам дека за еден филм е многу важно да се има добра актерска екипа. Кинематограферите ми оставија голем впечаток, бидејќи тие се многу важни, а од режисерите омилени ми се Висконти и Болоњини. Инаку немам омилен кинематографер, со сите имам одлична соработка, рече Кардинале.

– Не, не, не, јас не сум филмска дива, јас сум обична жена! – извика Клаудија Кардинале.

Паоло Роси, заблагодарувајќи се на дадениот простор на фестивалот, рече дека за филмот ја одбрал Клаудија бидејќи е многу посебна личност.

-Таа живее нормален живот, а не како ѕвезда, и тоа е она што им се допаѓа на луѓето секаде во светот. Благодарен сум и за поддршката, бидејќи таа знае колку е тешко да се дебитира во Италија со независна продукција и сакаше да ни помогне. Таа не е како Софија Лорен и другите ѕвезди. Најпознатиот италијански филмски критичар за овој филм вели дека со оглед на тоа дека е многу тешко денеска да се направи независен филм, ова дело ја надминало таа препрека токму затоа што е различен од останатите филмови во италијанската кинематографија, рече Роси.

– Паоло е исклучителна личност, професионалец во секоја смисла и сметам дека филмот ќе остане запаметен и ќе има едно ново влијание во филмскиот свет, рече Закерини.

Сите членови на екипата беа едногласни дека им се допаѓа Битола, организацијата на фестивалот и се фасцинирани од мозаиците во Хераклеа и од македонската кујна.