24 септември, Битола – Кинематограферот на филмот „Транзит“, Ханс Фром ги сподели искуствата од снимањето на филмот, кој синоќа беше прикажан во рамките на главната програма. Со оглед на тоа дека филмот се одвива во Марсеј, каде се среќаваат бегалци од Втората светска војна и бегалците од денешницата, гостинот во разговорот со селекторот Благоја Куновски-Доре, се осврна на состојбата со бегалците.

-Тоа е многу актуелна приказна, тоа се негативните искуства на современа Европа која сега мора да се справи со бегалците. Германија не беше толку строга во однос на политиката кон бегалците, но се појавуваат десничарски партии кои се против бегалците или кои сакаат да го спречат протокот на емигранти. Морам да кажам дека она што се случува во Германија, е дека главно луѓето не се наклонети кон исклучување на мигрантите или кон некој вид на неофашизам, рече Фром.