Академијата за млади режисери од Југоисточна Европа, иницијатива на Гете Институтот, во 2016 година ја започна новата иновативна и интензивна програма за обуки FIRST FILMS FIRST (ПРВИТЕ ФИЛМОВИ НА ПРВО МЕСТО). Програмата има цел да ги поддржи младите филмски режисери од Југоисточна Европа во развивањето на нивните први долгометражни играни филмови. Автор на идејата и програмски директор е белградскиот режисер Стефан Арсенијевиќ (дебитантски игран филм ЉУБОВ И ДРУГИ ЗЛОСТОРСТВА), добитник на десетици национални и меѓународни фестиваслки награди.

Програмата се состои од 4 модули, што се одвиваат во текот на 10 месеци, а сесиите се фокусираат само на 8 учесници, со цел да обезбеди пристап лице в лице, поединечно прилагодувајќи ја и изменувајќи ја наставата во склад со специфичните потреби на секој учесник.

Вториот модул на програмата во партнерство со Фестивалот „Браќа Манаки“, кој го координира Вања Ковачевиќ, како четиридневна работилница се фокусира на колективната работа на режисерот, , сценографот и кинематограферот.

Вања Ковачевиќ е монтажерка, режисерка и продуцентка од Белград. Авторка е на неколку наградувани кратки и документарни филмови, а нејзиниот прв долгометражен документарец ЅВЕЗДАТА Е РОДЕНА освои многу награди на светските фестивали.

-На вториот модел од програмата кој го одржуваме во Битола се занимаваме со развивањето на визуелниот концепт на филмот. Имавме впечаток дека фестивалот „Браќа Манаки“, чиј фокус е на филмската фотографија, е вистинското место каде што можеме да одржиме сесија на таков модул, и туторите кои ги носиме за таа прилика се кинематографери и сценографи, објаснува Ковачевиќ.

Годинава тутори на битолската работилница на FIRST FILMS FIRST се легендарниот кинематографер Кристијан Бергер, постојан снимател на филмовите на Михаил Ханеке и лауреат на „Браќа Манаки“, и сценографот Кристоф Хантер, исто соработник во филмовите на наградуваниот автор Ханеке.

-Годинава одлучивме да ги спариме туторите кои заедно работеле на филмови. Тоа се Бергер, кој е чест гостин на фестивалот „Браќа Манаки“, и сценографот Хантер. Освен што Бергер и Хантер се тутори на работилницата, тие ќе одржат и мастер-клас, со акцент на соработката на сценографот и кинематограферот со режисерот во подолг временски период и на неколку проекти. Мастер-класот ќе се одржи на 25 септември (вторник), во 11 часот, во малата сала на Домот на културата во Битола, посочува Ковачевиќ.

Дали оваа програма дава задоволителни резултати? Ковачевиќ со гордост истакнува дека се мошне задоволни.

-За три години откако функционира програмата FIRST FILMS FIRST, снимени се два долгометражни играни филмови. Едниот од нив, HER JOB (НЕЈЗИНА РАБОТА), на режисерот Никос Лабот од Грција, годинава беше селектиран на фестивалот во Торонто. Завршена е продукцијата на уште еден филм, а шест проекти имаат добиено финансии и треба да влезат во фаза на продукција. Ние, всушност, сме прилично задоволни со процентот на успешноста од оваа програма и фидбекот што го добиваме од учесниците на работилниците е многу добар, заклучува Ковачевиќ.