Програмата Перспективи на европскиот филм во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“ и оваа година става акцент претежно на дебитантски долгометражни филмови на млади автори премиерно прикажани последнава година, за кои се надевам дека во поблиска иднина ќе ги освојуваат врвните места во европската и светска кинематографија.

Турската и романската кинематографија последниве години се наметнаа како посебно атрактивни во пошироките светски рамки, а со тоа и релевантни и за нас, кои можеме многу лесно да учиме од нив, како блиски по култура и менталитет. Филмовите кои ги избравме од овие две филмски школи го оправдуваат престижниот статус на нивните национални кинематографии, бидејќи покажуваат како може да се создадат исклучителни дела со мали буџети. Турскиот филм „Моите кратки зборови“ прикажува еден возбудлив ден во растењето на три момчиња, во кој решаваат да ги пречекорат границите на нивниот физички и ментален маалски простор. Додека, пак, романскиот филм „Чарлстон“ може да освежи со својата надреалистичка комедија базирана на една навидум апсурдна ситуација произлезена од љубовен триаголник, во која дефилираат неколку филмски ликови кои како да се позајмени од сараевската ТОП ЛИСТА НА НАДРЕАЛИСТИ.

Од нашето понепосредно соседство ни доаѓа косовскиот филм БРАК кој последниве месеци ги бранува духовите во јавноста со темата за забранета љубов меѓу лица од ист пол, која е многу суштинска драмска подлога во која се градат извонредни карактери и сцени со кои се развива одлична современа приказна на фонот на современите балкански политички и културолошки трауми.

Сигурен сум дека публиката која ќе ја гледа извонредната хрватска комедија COMIC SANS ќе има многу шанси да се насмее од хуморот кој во себе има доволно и локално или регионално препознавање, но и доволно светски шмек да изгледа пристојно не само за фестивалски прикажувања, туку и да биде податлив за редовната програма на кино репертоарите бидејќи вешто комуницира со современиот филмски јазик кој е разбирлив за пошироките маси.

Унгарскиот филм ВЕЧНА ЗИМА се наметна првенствено со својот моќен визуелен приказ на една страшна, но вистинита историска епизода од крајот на Втората светска војна, која изобилува со емотивен набој и неочекувани пресврти во судбината на главните ликови какви што може да ги создаде не само военото лудило и злосторничкиот систем, туку и ретките добри и издржливи луѓе кои преживуваат првенствено со својата цврста волја.

Некаде помеѓу комедиите и акционите филмови се лоцира уште еден од филмовите од програмата Европски филмски перспективи – исландскиот ЗАВОЈУВАНА ЖЕНА. Во него се среќаваме со темата борба против системот, која што вклучува и герилски и политички моменти, но секако, во духот на една оригинална и луцидна култура каква што е исландската, полна со необични ситуации кои како да ги преиспитуваат границите на филмската нарација.

Случајно последниот филм во овој приказ, но не би било погрешно и да беше ставен прв, е британскиот филм ПЕРНИЧЕ ЗА БОДЕЊЕ ИГЛИ кој на делумно мрачен, а делумно и бајковит начин (што потсетува по малку и на приказната за Амели Пулен), раскажува една тажна приказна од секојдневието на непривилегираните граѓани, брутално малтретирани од своите соседи и божемни пријатели во секојдневната борба на суети и потрага по теми за исмевање. Оваа приказна за булингот има секако универзална вредност во денешниот свет кој последниве години посериозно му пристапува на овој проблем и болните последици што психичкото малтретирање ги остава врз луѓето.