Јане Божиновски е дел од екипата која работи на што поуспешна реализација на секое издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Неговите работни ангажмани се поврзани со секторот за преведување и титлување на филмовите што се прикажуваат во програмата на фестивалот. Неговиот ангажман како преведувач почнал во 2009 година, но интересно е што веќе две години Јане Божиновски на своето работно место од Скопје до Битола доаѓа со велосипед. Годинава патот од околу 170 километри го извозел за 6 часа и 15 минути.

-Веќе втора година доаѓам во Битола со велосипед зашто патот е живописен и зашто сум зависен од точаци. Се надевам дека сѐ повеќе луѓе колите ќе ги заменат со точаци, зашто е поздраво, позабавно и подинамично! – вели преведувачот Јане Божиновски, кој и назад во Скопје ќе се врати со својот велосипед.