Членовите на меѓународното жири: Олимпија Митилинеу, кинематограферка од Грција и претседател на жирито, Рајнер Клаусман, кинематографер од Швајцарија, Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција и од Македонија, Ѓорче Ставрески, режисерот на „Исцелител“, македонскиот кандидат за „Оскар“ беа претставени во Битола. На средбата не присуствуваше Матијас Тролструп, кинематографер од Данска, кој утре ќе допатува во Македонија.

Претседателката на жирито, Митилинеу рече дека за втор пат е во Битола, но прв пат е член на жири, за кое смета дека е голема чест да се биде дел од него.

„Бидејќи и самата сум кинематографер овој фестивал е многу важен. Имавме прекрасно отворање и со радост очекувам да почнеме да ги гледаме филмовите“, рече Олимпија.

Годинава има две дами во жирито. Втората е агент на кинематографери, која често работи со нив, им помага да најдат работа. Тоа е Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција.

„Мислам дека камерата не е нешто што доволно се слави и одлично е што постои фестивал што го прави тоа, а уште посреќна сум што сум дел од тоа. Камерата е голема работа за мене. Ја сакам многу и многу сум среќна што постои Фестивал што ги слави кинематогаферите,“ рече Фајад.

Рајнер Клаусман е добитник на „Златна камера 300“, а минатата година ја доби „Сребрената камера 300“ и сега повторно е во Битола како член на жирито.

„Среќен сум што сум повторно во Битола. Ова е едно големо семејство. Јас така го чувствувам и гледам секогаш многу добри филмови кога доаѓам овде. Благодарам за поканата и очекувам што ќе се случува следните денови“, истакна Клаусман.

Традиција е еден член на жирито да е македонски претставник. Оваа година тоа е режисерот Ѓорче Ставрески, чиј филм „Исцелител“ доживеа огромен успех во земјава, но и во странство.

„Исцелител“ беше избран за македонски кандидат за „Оскар“, но мене ми е сосема јасно дека патот дотаму е трнлив и тешко е да се стигне до таа листа на номинирани. Се’ уште сум резервиран. Инаку, овде се чувствувам навистина прекрасно и почестен сум што сум меѓу овие луѓе. Ова ќе бидат неколку убави денови, рече Ставревски, кој се пошегува дека на крајот како во фудбалот, пак, Германија ќе победи.