22 септември, Битола – Подготвките за гала отворањето на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Центарот за култура во Битола се при крај. Градот веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот.

За гала отворањето на фестивалот на 22 септември ќе се одржи и перформанс во режија на познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќијевиќ. Објаснуваjќи го концептот, тој ги поставува прашањата: Што е филм? Сон, огледало во кое се огледува нашата есенција или забава? Најорганизираниот бизнис кој го создаваат лудаци?

„Тука во Битола кога една империја била во пелени, а друга на смртна постела двајца браќа, купуваат машина што произведува магија. Машина што ја зграпчува стварноста. Шаховска игра со жива војска. Снимено лудило на дементен ѕвер.

И еве не’ сега тука на фестивал посветен на тие луцидни браќа. И како што вели Кјубрик: „Филмот е – или треба да биде – повеќе како музика отколку како фикција, прогресија на атмосфери и чувства. Темата, што е позади емоцијата, смислата, сето тоа доаѓа подоцна“. Така и ние, низ едноставен, минималистички пристап сакаме да ве прошетаме низ сонот на филмот, низ чувствата што што сме ги поминале, и оние кои допрва ќе следат. Да ја растуриме и одново создадеме сложувалката на филмската магија. Да и се насмееме и расплачеме на онаа уметност што не смее и расплакува“, вели режисерот Јаниќијевиќ.

Во перформансот учестуваат Јелена Јованова и Ивана Коцева, музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, пијано: Дуња Иванова, стихови: Јовица Ивановски,

светло: Илија Тарчуговски, костимограф е Лидија Георгиева.

По свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, во чест на годинешниот лауреат на Златна камера 300, оскаровецот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“.

Комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, која стои зад креативниот концепт „Hats off“ (Симнуваме капа) и визуелниот идентитет на Фестивалот, чијашто инспирација потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.