22 септември, Битола – Публиката во полната сала во Центарот за култура, со стоечки аплаузи ги поздрави годинашните лауреати на ИФФК „Браќа Манаки“. Гена Теодосиевска, директор на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ ги поздрави присутните љубители на филмската уметност.

-Воопшто не е лесно вечерва да се стои пред вас кои работите на филмот, не е лесно и да се биде директор на овој Фестивал бидејќи зад мене стојат оние кои го трасирале патот на овој фестивал. Секако дека резултатот што следи оваа година се деведесет и пет наслови во 14 програми, резултат создаван 39 години, рече Теодосиевска.

Таа се заблагодари на Друштвото на филмските работници на Македонија, на Агенцијата за филм на РМ и на сите филмаџии кои ги отстапија своите филмови да бидат дел од нашата програма.

Добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, скромниот маг со камерата Роџер Дикинс ја прими наградата од директорката на фестивалот Гена Теодосиевска. Таа истакна дека кинематограферите додека снимаат се како вистински ѕвезди и тешко е да се дојде до нив и се заблагодари што на фестивалот му била дадена можност Роџер да биде оваа вечер во Битола.

-Кога стојам овде пред вас се чувствувам дека сум на погрешната страна од камерата. Повеќе би сакал да бидам зад неа. Мислам дека Фестивалот трае исто толку години колку што јас снимам филмови. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја затоа што познавам многу луѓе што предтходно биле тука, но јас досега немав можност да дојдам. Пресреќен сум што станувам дел од оваа историја, рече Дикинс.