22 септември, Битола – На македонската актерка Милица Стојанова, која годинава е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, наградата и’ ја врачи Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.

-За нешто помалку од две години Друштвото на филмските работници на Македонија ќе прослави 70 години постоење, а за само една година од денеска ќе прославиме 40 години од нашиот најврвен приоритет и најголем проект, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ досега беше привилегија на оние кои блескаат зад големото платно. Оваа година направивме исклучок. Наградата ја доделуваме на актер и тоа на некој што и покрај целата стигматизација на жената во балканските, посебно во македонската кинематографија успеа да блесне на големото платно, рече Игор Иванов, директор на Друштвото на филмските работници на Македонија, кој го врачи признанието.

Заблагодарувајќи се за добиеното признание, Стојанова истакна дека ДФРМ успеале да го согледаат нејзиниот труд пред камерата и така да стане лауреат на оваа престижна награда.

-Оваа награда многу ми значи затоа што се разликува играта пред камера од театарот, но таа е еднаква по уметничкиот предизвик. Им благодарам на сите филмски режисери и телевизиски режисери кои ми пружија можност да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите, рече Стојанова.