21 септември, Скопје –Големата италијанска и светска актерка, легендарната Клаудија Кардинале, во попладневните часови пристигна во Македонија.

Клаудија Кардинале пристигна со својата ќерка, која се вика исто како неа, Клаудија и иако помалку уморна, таа на аеродромот во Скопје беше расположена, ведра и заинтересирана да ја запознае земјата која и’ оддава почест со наградата Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. Таа како вистинска филмска дива не покажа дека е заморена од патот, дозволи неколку фотографии веднаш по пристигнувањето. По краток одмор во Скопје, таа продолжува кон Битола каде утревечер, на свеченото отворање на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе и’ биде врачена наградата. Веднаш по пристигнувањето таа рече дека и’ се допаѓа што е кај нас топло и сончево, и дека првите впечатоци и’ се позитивни.