И годинешната компетиција Камера 300 ја продолжува нашата традиција на силен и квалитетен избор на филмови од најновата светска продукција, како и тоа да се навистина 12 најдобри и со авторитетни корени, селекцијата и овој пат неизбежно е од Берлин, Кан, и ланската Венеција. Продолжуваме да ја комбинираме од сиот свет, Европа е природно доминантна, но имаме 3 одлични претставници од другите континенти, Азија со 2 филма, по еден од Кина и Јужна Кореја и еден неодолив од Америка, САД. Се испреплетуваат најнапред копродукциски што доведува до комбинации на режисери и кинематографери кои не се од иста кинематографија, но се покажува универзалноста на филмскиот јазик. Имаме филмови од разни кинематограферски генерации, од помали и поголеми филмски продукции и традиции, доминираат проверените и докажани кинематографери, наши претходни лауреати кон кои постојано сме должни да сме фокусирани, но и откриваме нови имиња, помалку или повеќе, но сепак недоволно познати, и со нашиот фестивал некои од нив ја остваруваат својата посакувана интернационална афирмација, станувајќи и наши лауреати.

Наш претходен лауреат, кој одново се појавува во нашата компетиција е водечкиот израелски кинематографер Ѓора Бејач/Giora Bejach, кој по одличниот лауреатски филм „Либан”, работен во тандем со режисерот Самуел Маоз/Samuel Maoz, со најновиот нивен филм FOXTROT, донесува нова демонстрација на неговата висока изразна визуелна моќ, во една современа драма неизбежно сврзана за воениот систем на Израел. Полскиот претставник СТУДЕНА ВОЈНА/ COLD WAR е нова потврда на веќе оформениот тандем, искусниот режисер Павел Павликовски/Pawel Pawlikovski и кинематограферот Лукаш Жал/Lukasz Zal, кои по нивниот претходен заеднички оскаровски филм ИДА (таму кинематограферски тандем беа нашиот лауреат на Златна камера 300 за опус  – Ришард Ленчевски/Riczhard Lenchewski и помладиот Жал) во најновиов  СТУДЕНА ВОЈНА, одново во црно-бела фотографија, на Жал му дава можности за нова визуелна поетика во едни историски рамки кои со својата суровост се преточуваат во љубовната драма на двајца млади.

Од другите познати тандеми, за прв пат во нашата компетиција се појавува германскиот искусен кинематографер Ханс Фром/ Hans Fromm, кој со водечкиот германски режисер Кристијан Пецолд/Christian Petzold изградил еден одретко доследните тандеми во германскиот филм, овој пат со филмот ТРАНЗИТ/TRANSIT замислен како антиутопија за феноменот на повампирен, орвелијански неофашизам на тлото на современа Европа, во спрегата  – полицијата која ги прогонува непожелните,  бегалците/емигранти/имигранти, на кои не им е дозволено слободно движење. Оваа кафкијанска проекција, Фром ја слика на начин што кај публиката влева чувствување на стравот на прогонетите. Водечкиот кинески режисер Жиа Жан-ке/ Jia Zhang-ke, во својот најновфилм ПЕПЕЛТА Е НАЈЧИСТО БЕЛО/ASH IS PUREST WHITE, на нему својствен начин прави фуриозна опсервација и парабола за современа Кина, низ љубовна приказна од подземјето, а тоа најефектно визуелно овозможено низ атмосферата што ја гради еден од водечките француски кинематографери Ерик Готје/Eric Gautier. Ефектна тaндемска соработка по втор пат сретнуваме и во рускиот претставник ЛЕТО/SUMMER, меѓу режисерот Кирил Серебреников/Kiril Serebrenikov и кинематограферот Владислав Опелијанц/ Vladislav Opeliants, кој доминантно, низ црно бела фотографија, а на моменти и со колор проблесоци во расположението на млади терокери, евоцира историја низ сторијата за ослободување на духот и личноста, во времето на тоталитарните стеги на советскиот комунизам, спомени од ерата на рокот како пансветски феномен кој ја допрел на свој начин и Русија како тогашен предводник на Советскиот Сојуз.

Евокација на едно време на рок-иконата и муза на Ворхол – Нико, но од нејзините последни две години на мачниот живот со тонење во дрогата и губењето елан за живот, е и одличната истоимена  драма НИКО/NICO, на тандемот:  сценаристката и режисерка, Италијанката Сузана Никјарели/ Susanna Nicchiarelli и француската искусна кинематограферка  Кристел Фурние/Chrystel Fournier, која низ темни тонови ја слика мрачната драма на некогаш убавата Нико, која во завршницата на кариерата се соочува со синдромот на самоуништување. Јужнокорејскиот претставник ГОРЕЊЕ/ BURNING е маѓепсувачки плетен како триаголник на три млади личности во современото секојдневие, помалку бизарно проектирана сторија од искусниот режисер Чанг-донг Ли, а визуелно маестрално надградена од талентираниот кинематографер Кионг-пуо Хонг/Kyong-pyo Hong.

Камбекот на секогаш немирниот бунтовник за црнечката кауза, Спајк Ли/Spike Lee, со најновиот филм го актуализира духот на неорасизмот во Трампова Америка (America Great again!/America First!) низ црнохуморната комедија за незгаснатиот дух на ККК/ кјуклуксклановскиот бел расизам, во филмот ЦРН КЈУКЛУКСКЛАНОВЕЦ/BLACKKKLANSMAN, што кинематограферот Чејс Ирвин/Chayse Irvin го доловува разиграно и динамично атрактивно на задоволство на публиката која се поистоветува со феноменот.

Откривање на нови таленти имаме во двата филма, бугарскиот АГА/AGA, на тандемот, режисерот Милко Лазаров/Milko Lazarov, кој во доближувањето и ефектното снимање во тешките арктички услови, на сторијата за новиот Нанук од северот на Русија,неговата жена и ќерката Ага која ги напуштила – во талентираниот млад кинематографер Калојан Божилов/Kaloyan Bozhilov, имал решавачки соработник, зашто сè било во рацете на кинематограферот, невозможното да го доближи низ своевидна поетика на екстремниот студ, кој како да го чувствувате додека ја гледате оваа ретко доживеана семејна драма. Белгискиот филм ДЕВОЈКА/GIRL го открива талентот на младиот сценарист-режисер Лукас Донт/Lukas Dhont, кому драмата на тинејџерката Лара, која сака да биде балерина, е во личниот природен конфликт што, иако се чувствува женско, таа е заробена во машко тело, и тоа ефектно го слика поискусниот кинематографер Франк ван ден Ееден/Frank van den Eeden, особено низ долгите секвенци на снимателско следење на пробите на танцување до исцрпување на супер талентираниот актер Виктор Полстер/Victor Polster, како Лара. Конечно, во чешкиот филм ЗИМСКИ МУВИ/WINTER FLIES се потврдува уште еден помалку познат, но на добар пат да продолжи солидна соработка, тандем: режисерот Олмо Омерзу/Olmo Omerzu и кинематограферот Лукас Милота/Lukas Milota, (кој му ги снимил досега трите целовечерни играни филмови), а во ЗИМСКИ МУВИ, во една разиграна комедиографска структура, ја слика откачената, но допадлива авантура/on the road приказна за двајца тинејџери, кои како муви без глава патуваат со украден автомобил низ современа Чешка, со подразбирливата полициска потера. 12-от избран филм во компетицијата Камера 300, е шведскиот НЕПОДВИЖЕН ИМОТ/THE REAL ESTATE на 36 годишниот Манс Мансон, во тројното својство на продуцент, ко-режисер и што е најважно и кинематографер, така што извртениот свет на една богата средовечна сопственичка  на станбена зграда, тој самиот визуелно импресивно го претвора во нејзина конфузија кога се соочува со социјалниот хаос во урбана Шведска.

Благоја Куновски-Доре Уметнички директор-селектор