КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ЛАУРЕАТ НА СПЕЦИЈАЛНАTA ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС ВО СВЕТСКАТА ФИЛМСКА УМЕТНОСТ

///КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ЛАУРЕАТ НА СПЕЦИЈАЛНАTA ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС ВО СВЕТСКАТА ФИЛМСКА УМЕТНОСТ

КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ЛАУРЕАТ НА СПЕЦИЈАЛНАTA ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС ВО СВЕТСКАТА ФИЛМСКА УМЕТНОСТ

Италијанската и светска актерка, филмска дива, легендарната КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ е лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за 2018 година.

Клаудија Кардинале е Италијанка родена во местото La Goulette, во Тунис (1938), студирала во „Paul Cambon School“ со намера да стане наставничка.

Но, на 19-годишна возраст победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“, освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција и го добила првиот филмски ангажман. Нејзиното деби била една помала улога во GOHA (1958) заедно со Омар Шариф.

Таа станува особено позната во Италија по славниот филм на Лукино Висконти ROCCО AND HIS BROTHERS (1960).

Во годините што следат, Клаудија Кардинале ги снимила некои од најважните филмски остварувања во историјата на светската кинематографија.

На 25-годишна возраст, во 1963 година, таа ги снима филмовите LEOPARD на Лукино Висконти и „8 1/2“ на Фелини, два ислучително значајни филмски класици. Но, тука е и познатиот CARTOUCHE со Жан Пол Белмондо.

Нејзината импозантна филмографија бележи повеќе од 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови, но Кардинале е неуморна и вљубена во филмската уметност, па нејзиниот најнов филм PICCOLINA BELLA (2017) е во постпродукција.

Во 1963 година нејзината уникатна актерска игра и маркантна појава ги преминува границите на Италија и Кардинале станува светска ѕвезда по улогата во PINK PANTHER. Следните неколку години таа се сели во Холивуд каде ги снима BLINDFOLD (1965), LOST COMMAND (1966), THE PROFESSIONALS (1966), THE HELL WITH HEROES(1968) и култниот епски вестерн на Серџо Леоне ONCE UPON A TIME IN THE WEST (1968), американско – италијанска копродукција со Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.

Во нејзината долга и богата кариера, Кардинале глумела покрај филмските партнери како Марчело Мастројани, Франко Неро, Берт Ланкастер, Шон Конери, Рок Хадсон, Ален Делон, Ентони Квин, Џон Вејн и Дејвид Нивен.

Не сакајќи да стане холивудско клише, Клаудија повторно се враќа во Европа каде ги снима IL GIORNO DELLA CIVETTA (1968), за кој ја добива наградата „David di Donatello“ за најдобра женска улога и A GIRL IN AUSTRALIA(1971). Во 1974 година го среќава режисерот Паскал Сквитијери, се мажи за него и често игра во неговите филмови.

За филмот CLARETTA (1984) ја освои наградата „Pasinetti“ за најдобра женска улога на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1994 година го добива Златниот лав за животно дело. Ја славеле и фестивалите во Кан и Берлин.

Во 2011 година беше прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската историја.

Клаудија Кардинале во својата исклучително богата кариера има освоено над 35 награди и признанија на значајни светски филмски фестивали.

Во 2016 година, официјалниот постер на филмскиот фестивал во Кан беше со ликот на Клаудија Кардинале

Таа е позната како борец и активист за женските права и од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

2018-09-11T11:46:38+00:0023rd август 2018|Прес, Соопштенија|