Oбјавено е името на лауреатот на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност

///Oбјавено е името на лауреатот на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност

Oбјавено е името на лауреатот на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност

23 август, Битола – На втората прес конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, која се одржа денеска во Центарот за култура во Битола, директорката Гена Теодосиевска го објави името на добитничката на Специјалната Златна камера 300 за особено придонес во светскта кинематографија – големата италијанска и светска актерка Клаудија Кардинале. Таа ќе пристигне во Битола на отворањето на фестивалот кога ќе и’ биде доделена наградата.

„Се заложив на фестивалот да донесам едно значајно име од филмската уметност, филмска дива која е се’ уште активна  и со голем успех се појавува во поновите европски, но и холивудски проекти, актерка на која фестивалот во Кан, минатата година, и’ оддаде почит ставајќи го нејзиниот лик на фстивалскиот плакат“, рече Теодосиевска.

Таа информираше дека подготовките за фестивалот се одвиваат нормално и за разлика од минатата година без поголеми стресови и непријатни ситуации, како што било случај во минатите две години, за што се заблагодари на Агенцијата за филм и на Горјан Тозија. Теодосиевска ја потенцираше соработката со Центарот за култура – Битола, Музеј и галерија Битола, Народниот театар и Историскиот Архив во Битола.

„И годинава фестивалот достојно ќе ја исполни својата функција, да ја промовира нашата култура, уметност и традиција, да едуцира и да приложи нови концепти на светската филмска уметност како премиерни изданија во Македонија“, рече Теодосиевска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ги поздрави претставниците на Фестивалот и истакна дека во пресрет на 39 – тото издание на „Браќа Манаки“, Битола се гордее со него и тој претставува значаен белег на градот.

„И оваа година како и сите изминати несебично ќе го поддржиме фестивалот „Браќа Манаки“ и се надевам дека и овојпат тој ќе ни донесе пријатни моменти и уживање за публиката“, рече Петровска.

Алесио Ликвори, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на Република Италија во Македонија, рече дека е како Италијанци се повеќе од горди што наградата годинава и’ е доделена на Клаудија Кардинале која е уметнички, но и женски симбол со кој се гордее италијанската и кинематографија и култура.

Уметничкиот директор Благоја Куновски Доре ги објави имињата на членовите на меѓународното жири кои ќе ја вреднуваат работата на кинематограферите во главната селекција и ќе одлучат за добитниците на престижната награда Златната, Сребрена и Бронзена Камера 300. Се работи за врвни професионалци: Olympia Mytilinaiou, кинематографер (Грција) – претседател, Rainer Klausmann, кинематографер (Швајцарија) – член, Ѓорче Ставрески, режисер (Македонија) – член, Mattias Troelstrup, кинематографер (Данска) – член и Rebecca Fayyad Palud, агент (Франција) – член.

„Се работи за угледно жири, кое го составивме по принципот на познати светски, но и наши филмски имиња и кое ќе биде на исклучително високо ниво“, рече Куновски.

ИФФК „Браќа Манаки“ годинава ќе одбележи два филмски јубилеи: 100 години од раѓањето на големиот Ингмар Бергман, еден од најдобрите режисери на сите времиња и 60 години од премиерата на македонскиот филм „Мис Стон“. Овие одбележувања ги организира Кинотеката на Македонија, која 39 години е партнер на Фестивалот, како што рече директорот Владимир Ангелов.
„Филмовите на Бергман се’ уште живеат во кино салите и на телевизија, неговите дела се уште се предмет на анализа на теоретичарите, а има и уште еден не толку познат податок за Бергман, а тоа е дека имал значајна улога во сферата на архивирањето на филмските дела. Во негова чест ќе го прикажеме еден од најдобрите светски филмови „Персона“ (1966).

Што се однесува на „Мис Стон“ тоа е еден од најуспешните македонски филмови на кои постарите можеби се сеќаваат, но не и помладите генерации и од тие причини ќе го прикажеме во прекрасниот амбиент на Магаза во Битола, што ќе бид епридружено со една интересна изложба низ која ќе раскажеме приказната за овој филм од идеја до неговите успеси“, рече Ангелов.

На прес конференцијата премиерно беше прикажан и фестивалскиот спот, кој го изработи режисерот Вардан Тозија во соработка со агенцијата Меккен од Скопје и Вертиго визуел, како и со младите соработници од ФДУ од Скопје.

Комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, која стои зад креативниот концепт „Hats off“ (Симнуваме капа) и визуелниот идентитет на Фестивалот, чијашто инспирација потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.

2018-08-24T15:25:15+00:0023rd август 2018|Прес, Соопштенија|