Програмата Макпоинт (селекција од минатогодишните домашни краткометражни остварувања), на годинашното издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ ја сочинуваа 13 филмови, меѓу кои и 3 документарни и 2 експериментални филма. Што се однесува до интересот и посетеноста таа беше двојно поголема од минатата година. Присутните автори (режисери, кинематографери, продуценти, актери) говореа за процесот на работа, ги коментираа нивните идни теми кои се во процес на создавање и разменија искуства со колегите.

Програмата беше поделена во два фестивалски дена, а проекциите сместени во малата сала на Домот на културата. Иако од ревијален карактер, за авторите што ги прават дебитанските краткометражни филмови е особено важна оваа програмска селекција.

Речиси сите, се согласни дека предпродукцјата е најважна за да се стигне до солидна реализација. Најголем дел се филмови што биле снимени за неколку дена, па и неколку часа, но подготовките траеле многу подолго.

Според реакцијата на публиката, интригантни и со силен впечаток се филмовите кои одработуваат современи теми, оние кои детабуизираат интимни приказни.

Нема примена на рецепт за измислување на „топла вода“, но социјалните, економските или љубовните фабули се повеќе се пакуваат со модерна продукција, креативни режисерски решенија, добар кастинг. Ова ветува филмови што ќе можат успешно да се пласираат надвор од границите како достојни репрезенти на македонската кинематографија.

Ако овие филммејкери успеат да продолжат во плодна насока и да ги отстрануваат дебитантските грешки, ќе ја освојат довербата на публиката, која веќе голем дел од нив ги препознава и со нетрпение ги очекува нивните нови остварувања.

Како и мотото на ова фестивалско издание, Touch the light, се надеваме дека меѓу овие автори има многу што ќе бидат осветлени под силни рефлектори и ќе освојуваат награди на светските фестивали.