Унгарскиот филм „За тело и душа“ од главната компетиција, синоќа ги воодушеви битолчани кои разговараа за филмот долго по проекцијата. Филмот е добитник на „Златна мечка“ во Берлин, а ќе учествува и во изборот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на доделувањето на Оскарите во 2018 година. Кинематограферот Мате Хербаи, на денешната прес-конференција, говореше за креативниот процес.

-Илдико Ењеди е моја омилена унгарска режисерка и снимањето филм со неа за мене беше остварување на сон. Таа многу ми помогна за време на снимањето и ми даваше безрезервна поддршка. Работата со неа е едноставно совршена. Прв пат соработувавме на серијата „Терапија“ која се прикажуваше на HBО, па после таа серија ми понуди да работам со неа – вели Мате Хербаи.

Унгарската кинематографија со години наназад предизвикува внимание и позитивни критики, па Мате Хербаи само потврди дека да се биде кинематографер во Унгарија е привилегија.

-Состојбата за филмот во Унгарија е многу добра. Унгарскиот филмски фонд има одличен систем на работа и сметам дека кинематограферите во Унгарија имаат одлични можности за работа – вели Хербаи.