Една од ѕвездите на 38. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е француската кинематограферка Ањес Годар, која во 2013 година ја доби Златната камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. Токму тоа гостување во Битола, по кое направила обиколка на Македонија, ја инспирирало да работи на филм кој ќе се снима во нашата држава.

Па така, соработката со режисерката Теона Стругар Митевска, резултираше со филмот „Кога денот немаше име“, кој ќе се прикаже вечерва на фестивалот. Ањес Годар оваа година е застапена со два филмови како кинематограферка, а нејзиниот втор филм „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Денис со Жулиет Бинош во главната улога, утревечер ќе го затвори ова издание на „Браќа Манаки“.

 

Ањес Годар веќе триесет години соработува со режисерката Клер Денис, а тајната на оваа долгогодишна соработка лежи во преклопувањето на нивните естетски преференци.

-Откако завршив факултет, снимив еден краток филм во чест на мојот татко, кој почина многу рано. Клер го виде тој филм и ми понуди да соработувам со неа. Оттогаш ние веќе 30 години работиме заедно. Успехот на нашата соработка е во тоа што нашите средби се одвиваат претежно на сетовите, не ја анализираме премногу нашата работа ниту пак нашиот меѓусебен однос на соработка, едноставно чувството за естетика ни се поклопува – вели Годар.

За соработката со Теона Митевска за филмот „Кога денот немаше име“, Годар објасни дека одамна имала желба да снима на овие простори.

-Мојот дедо за време на првата светска војна, во сплет на околности бил овде на овие простори. Јас за прв пат ја видов Македонија кога дојдов на „Браќа Манаки“ во 2013 година. Кога Теона Митревска ми го прати сценариото, веднаш бев заведена од темата за животот на македонските тинејџери. Бидејќи припаѓам на постара генерација, бев среќна што ќе имам можност да се сретнам со луѓе од различен дел од светот, со различна култура и од различна возраст- вели Годар.

Околу проблемите со кои се соочувала за време на снимањето, таа истакна дека во суштина тоа биле само предизвици кои ги надминале на креативен начин.

-Иако беше договорено да говориме на англиски за време на снимањето, во текот на работата сите почнаа да зборуваат на македонски и јас ништо не разбирав. Но, по некое време сфатив дека, всушност, имаме универзален визуелен јазик на кој се разбираме, јазикот на филмската уметност. Што се однесува пак до буџетот, предизвиците за кинематограферите да се работи со помал буџет се исти и во Франција и во Македонија. Од друга страна, поради работата со мал буџет, се добиваат идеи кои никогаш не би ги добиле доколку работиме во покомотни услови. Јас уживав во тоа да изнаоѓам нови начини да работам со дадените алатки – рече Годар.

Таа, исто така, објасни дека во снимањето одбрала понатуралистички пристап, што смета дека го доловил духот на филмот. Работата пак со помлади режисери е нешто што ја турка напред и ја мотивира постојано да истражува нови начини на работа.

Иако овој пат можеше да остане во Битола само на кратко, Ањес Годар беше пресреќна што доаѓа по повод македонската премиера на филмот.