Унгарскиот филм од главната компетиција „Месечината на Јупитер“, кој раскажува интересна приказна за бегалец кој се стекнува со моќ за левитирање, предизвика голем интерес кај публиката, со оглед на општествениот аспект на темата со бегалците. Кинематограферот Марсел Рев, на прес-конференцијата објасни дека сценариото за филмот, всушност, било напишано цела година пред да се случи бегалска криза, а сплетот на настани кои следеле во Унгарија, само придонеле кон актуелноста и популарноста на филмот.

За техничкиот дел со снимањето, кинематограферот објасни дека предизвик било да се снимаат сцените каде што главниот лик левитира, па морале да снимаат со кран.

-Се трудевме секоја од сцените со летање да изгледа поразлично и тоа беше главниот предизвик на снимањето. Филмот во најголем дел е снимен на 35 милиметри, освен во неколку сцени каде што беше невозможно тоа да се изведе и моравме да се префрлиме на дигитална технологија. Сакавме да креираме вистински источноевропски филм, во кој ќе се долови сета суровост, а со 35 милиметри се доловува токму тој груб, валкан изглед – рече Рев.

Што се однесува, пак, до политичката тема, која веројатно најмногу ја интересираше публиката, Рев објасни дека се обиделе да ја прикажат мигрантската криза од повеќе аспекти.

-Кога живееш во непосреден допир со бегалската криза, ги гледаш обете страни на ситуацијата. Сфаќаш дека за некои луѓе тој прилив на мигранти делува страшно, посебно во економски послабите држави, а и Унгарија како држава постојано ги подгрева тие стравови кај луѓето. Од друга страна пак, човечка одговорност е да им се помогне на тие луѓе кои побегнале од страшна војна – рече Рев.