Програмата на кратки филмови кои учествуваат во компетицијата за Малата Златна Камера 300 се прикажува во два дена. На прес-конференција гостуваа неколку претставници од тимовите кои работеа на македонските кратки филмови – учесници во компетицијата. Најмлада помеѓу присутните беше Моника Бошковиќ, девојчето кое играше во „Железна приказна“, филм во режија на Златко Калеников.

Режисерот објасни дека иако се работи за сериозна и социјално сензитивна тематика, тој одбрал да го сними од детска перспектива, за на крај да добие еден ведар и оптимистички продукт.

-Свесен сум дека оваа светла, наивна форма не секогаш е приемчива за филмските фестивали, но мојата цел беше да го поставам акцентот на наивноста на детската перспектива и да направам приказна со светол крај, снимена во светли и јасни бои кои се користат при снимање на детските филмови – објасни Калеников.

Ивана Шекутовска, продуцентката од „Стрим он филм“, рече дека овој филм е дебитантско дело на нивната продукциска куќа и се надева на понатамошни соработки со тимот.

Краткиот филм „Амби“ во режија на Марија Апчевска, кој се прикажа вчера, ја допира темата за алкохолизмот.

-Сценариото за филмот е изработено без конкретна цел, едноставно се работи за приказна која сакав да ја раскажам, а ова е моја втора соработка со Влатко Самоиловски зад камерата – истакна Апчевска.

Кинематограферот Наум Доксевски, оваа година се претстави со два филмови во компетицијата за краток филм. Едниот во соработка со режисерката Дина Дума, а другиот со Горан Столевски.

-За прв пат имав прилика да ги погледнам и двата филма во иста вечер и да ги споредам. Навистина се работи за драстично различни филмови, кај кои користев различен пристап на снимање, во согласност со идејата на режисерите. Кај филмот на Дума користев статични кадри за да се долови атмосферата, а со Столевски снимавме со рачна камера, за да се долови тој документаристички пристап на близина до актерите – рече Доксевски.

Продуцентката Марија Димитрова од „Круг филм“, која соработуваше со Дина Дума, истакна дека за кратките и поекспериментални филмови до сега не се обиделе да конкурираат во Агенцијата за филм на РМ и ги реализираат во соработка со други продуцентски куќи од Македонија.

-Никогаш не сме се обиделе бидејќи знаеме дека можеме да ги реализираме во соработка со другите продукции. Јас лично мислам дека немаат слух за вакви кратки и поекспериментални филмови, барем не се уште. Можеби во следниот период тоа ќе се отвори како еден сегмент кој Агенцијата ќе го развива, затоа што сметам дека таквите филмови на нашата кинематографија и се потребни, затоа што носат една свежина и разноликост, еден нов начин на размислување – рече Димитрова.

Актерката Сара Климоска го пренесе поздравот од режисерот Горан Столевски, кој не беше присутен во Битола, изразувајќи го задоволството што работела со него, бидејќи смета дека е одличен и сериозен режисер со потенцијал за многу успеси во иднина.