Италијанскиот режисер Микеле Де Ангелис и неговиот кинематографер Езио Гамба, говореа за својот надреален филм, „Студија на случај: Човекот во камерата“. Се работи за филм составен од повеќе секвенции, од кои повеќето во надреалистички стил, чија идеја е да се долови носталгијата кон киното од минатиот век.

-Јас сум заинтересиран за стари филмови. Според мене филмот умре во 70те години на минатиот век и оттогаш само ги рекреираме веќе видените работи. Па така, овој филм е омаж на старите филмови – истакна Микеле Де Ангелис.

Тој, исто така, изјави дека надреалниот филм е единствениот можен филм, а играњето со повеќе жанрови е негова пасија во работата.

-Надреалниот филм е единствениот можен филм. Дури и ќе одам уште подалеку и ќе речам дека единствената реалност е филмот – филмот е реалноста! – вели Де Ангелис.

Софија, актерката која игра во неговиот филм, исто така, беше присутна покрај режисерот и кинематограферот. Микеле Де Ангелис ја забележал на грчкото приморје и едноставно ја повикал да глуми во неговиот филм.

-Сакам да му се заблагодарам на режисерот за можноста да бидам овде со вас. Јас не сум актерка, Микеле ме забележа во мојата родна Грција и едноставно ме викна да работам со него – истакна таа.

Филмот е работен во соработка со македонски копродукциски тим, па постпродукцијата е во целост завршена токму во Македонија. Продуцентката Корнелија Ристевска истакна дека е реткост за држава како Македонија да соработува со поголеми држави, бидејќи ние носиме значително помало учество во вкупниот буџет на филмот, но се надева дека оваа соработка со италијанскиот тим ќе отвори и други перспективи.

Микеле Де Ангелис, пак, за крај истакна дека има роднини во Македонија и навистина би сакал да снима филм овде.

-Во моментов работам на уште три сценарија. Би сакал барем две од нив да бидат снимени во Македонија – рече Де Ангелис.