Карин Шифер од Австрискиот филмски центар, заедно со кинематограферот Мартин Гешлахт ги објаснија предизвиците за филмската индустрија во Австрија.

Карин Шифер, која се занимава со промоција на австриските филмови и нивно пласирање на светските фетивали, истакна дека, за жал, понекогаш е полесно да се допре до странскиот пазар отколку до домашната публика, која е многу помалубројна.

-Фестивалите се неминовни во процесот на промоција на нашите филмови. Тие се, речиси, единствените места каде што може да се добие видливост за условно речено, помалите филмови. За австриските филмови полесно е да се постигне интернационален успех, отколку да се популаризираат на домашниот пазар. Тоа е едно од прашањата за кои бараме решение – вели Шифер.

Мартин Гешлахт пак, кој работи и како продуцент покрај неговата основна вокација како кинематографер, истакна дека австрискиот пазар е доста специфичен.

-Австрискиот пазар е многу мал. Неизводливо е еден филм да се направи и да се пласира само во Австрија. Друг проблем е што германскиот пазар не ни е достапен, поради јазичните разлики, нашите филмови таму треба да одат со превод и тоа е, исто така, големо ограничување – објасни Гешлахт.

Мартин Гешлахт е по четврти пат на фестивалот „Браќа Манаки“, а еднаш бил и во улога на член на жирито. Оваа година тој се претстави како кинематографер со два свои филма во програмата „Земја во фокус“ и тоа со „Добра ноќ мама“ и дистопискиот филм „Скриени резерви“, на кој постигна одлични визуелни ефекти и покрај нискиот буџет на филмот.