Борислав Анѓелиќ е еден од највлијателните филмски критичари во регионот и пошироко. Тој е долгогодишен филмски критичар во тиражниот белградски дневник „Вечерње новости“, редовно известува од најзначајните светски филмски фестивали, член е на FIPRESCI и раководел со неколку интернационални проекти на оваа асоцијација. Со големо задоволство го посетува и фестивалот „Браќа Манаки“…

Може ли накратко да се објаснат приликите во светскиот филм?

Годинава бев на фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и уште неколку, и според моето мислење, иако имаше интересни филмови, сепак би рекол дека ова е една од послабите години. Во таа смисла, американската кинематографија, која е водечка според продукцијата и финансиите, немаше некои посебни остварувања. Мислам дека Американците се наоѓаат во своевиден момент на реконструкција на нивниот пристап кон филмот и дистрибуцијата. Сега постојат два големи конгломерати, платформите „Нетфликс“ и „Амазон“, кои од финансиски аспект влијаат и на фестивалските програми. На пример, на Канскиот фестивал се случи полемика дали филмовите што ги пласираат „Нетфликс“ и „Амазон“ треба да бидат и на фестивалската програма, бидејќи овие платформи за гледање имаа свои правила – да не ги почитуваат правилата на фестивалите. Односно, не сакаат, или не ги интересира, да ги дистрибуираат филмовите што ги купиле во земјите каде што се одржуваат водечките фестивали.

Поставени ли се линиите на фронтот кој ги дели фестивалските филмови и филмската индустрија?

Поставени се индиректно, сè уште нема директен судир на интересите, бидејќи индустријата, сепак, направи некој вид отстапки. Всушност, фестивалите главно беа формирани како своевидна оаза – или гето, наречете го тоа како сакате – за филмовите кои што не можеа да се изборат за место во светската дистриибуција. Практично, само филмовите кои се наградени на фестивалите автоматски си обезбедуваат поширока дистрибуција и прикажување. Е, сега, останува да видиме колку ќе се сменат работите со новонастанатата ситуација.

Во моментов постои голем притисок од страна на големите продукции да учествуваат на престижните фестивали – како Торонто, Берлин, Кан – и со телевизиски серијали во конкуренција со играните филмови, што досега не беше пракса. ТВ серијалите на Дејвид Линч и Џејн Кемпион на фестивалот во Кан се своевиден преседан: иако и Линч и Кемпион се значајни филмски автори, на фестивалот, сепак, беа присутни со ТВ серии.

На годинaшното издание на „Браќа Манаки“ ја видовме и пилот-епизодата од ТВ серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ…

Да, да… Без разлика дали филмските критичари и фестивалските луѓе сакаат да признаат или не, телевизијата сè повеќе сака да се „вдене“ на сцената на филмската индустрија. Тоа, од една страна, е и нормално, но од друга страна, пак, создава проблеми во системот на вреднување. Ако од еден ТВ серијал, составен од 10 или 20 епизоди, на некој фестивал прикажете само две епизоди, тогаш се поставува прашањето дали тоа било вистинскиот избор, дали изборот е репрезентативен за целиот серијал, и дали една епизода вреди колку целата серија…? Но, тоа е реалноста, не треба да се бега од неа. Во Франција со право се бунеа дистрибутерите, бидејќи сметаат дека филмовите на авторите, кои претходно ги купувале и пласирале, треба и понатаму да бидат достапни за класичната дистрибуција. Но, споменатите платформи не го ценат тоа. Тука се поделени и актерите: Вил Смит ги подржува новите платформи, бидејќи тие обезбедуваат сигурен пласман. Тоа е факт!

„Браќа Манаки“ го живее неговото 38-мо издание. Каква е иднината на фестивалите од профилот на „Браќа Манаки“?

Според мене, 38 години се значајна и многу импресивна традиција. Проблем и во светот е тоа што фестивалите полека губат на значење кога станува збор за начинот на финансирање, кое станува сè покомплицирано и потешко, па речиси сите фестивали имаат хронични проблеми во таа смисла. Веќе ја нема и онаа еуфорија околу фестивалите: лично сметам дека и критичарите, кои ги следат фестивалите, веќе не се во прв план, како што беше порано. Сега сè помалку луѓе се заинтересирани што ќе биде напишано или кажано за некој филм, посебно продуцентите. Американците сакаат да се натпреваруваат, но не сакаат да дојдат во Кан или на другите европски фестивали ако не се автоматски победници. На фестивалите се појавуваа некои значајни проекти, најавени со помпа, а потоа пропаѓаа, бидејќи беа критички опсервирани од еден круг на мислители, критичари, филмофили… а тоа не им одговараше.

Регионалните фестивали, како „Браќа Манаки“ се значајни за нас. Повеќето од тие фестивали го започнаа животот во рамките на поранешната југословенска заедница, функционираа доста добро, имаа свој специфичен профил… „Браќа Манаки“ успеа да се наметне со неговиот профил, и, еве, годинава има многу добра селекција на филмови: Стефан Командарев со „Насоки“, Клер Дени со „Нека влезе сонцето“, Андреј Звјагинцев (неговиот „Без љубов“, според мене, беше еден од подобрите филмови во Кан), потоа Фатих Акин со „Од ништо“, Илдико Енејди со „За тело и душа“… Тоа е добра селекција на филмови кои веќе имале успех на европските фестивали.

Мислам дека проблемот на „Манаки“ – а тоа е проблем и на другите фестивали – е потешкотијата да се афирмираат и регионалните вредности. Сега тоа е потешко да се оствари, бидејќи некои кинематографии во регионот во одреден период одат горе, други долу. „Манаки“ изминативе години имаше значајна мисија во афирмирањето на македонската кинематографија. Но, очигледно состојбата во македонската кинематографија, како и во останатите кинематографии во регионот, оди горе-долу, без очекуваните резултати кои можат да се пласираат на манифестација како оваа.