Во редовниот термин за одржување на мастеркласовите на 38. „Браќа Манаки“, секој ден во 12 часот во малата сала на Домот на културата, на 26 септември фестивалските гости, публиката и студентите имаа можност да присуствуваат на разговорот со австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, познат како близок и постојан соработник на врвниот режисер Михаел Ханеке. Мастеркласот се одржа во соработка со „Првите филмови на прво место“ (First Film First).

Зборувајќи за работата со Ханеке, со акцент на филмот „Белата панделка“, добитник на Оскар од неанглиско говорно подрачје, Бергер рече дека е голема привилегија да се работи со таков голем режисер и дека во работата со него се потребни многу концентрација и голема енергија.

Бергер потенцираше и дека односот на актерите кон камерата треба да биде како во љубовна врска, дека сака чиста сцена за да нема многу препреки за актерите да ги остварат барањата на режисерот и дека неговиот прв принцип за осветлувањето е базиран на документаристичкиот пристап, односно да се биде во вистинско време на вистинско место.

-Актерите и снимателите секогаш треба да бидат партнери при снимањето на филмските сцени, и мислам дека жените се чувствуваат послободно пред камерата отколку мажите – констатирал Бергер.

Како врвен експерт во поставувањето на осветлување за филмскиот кадар, тој презентираше повеќе системи за осветлување кои ги користал во различни филмови на кои работел до сега.

-Не е толку голем проблем да се осветли кадарот, многу потешко е да се снимат сцените што се одвиваат во темнина, иако секогаш настојувам максимално да ја искористам природната светлина – открива Бергер.

Меѓу системите за осветлување Бергер ги објасни својствата и начинот на користење на параболичното огледало, на алуминиумските плочи со дифузна површина за рефлексија на светлината и осветлувањето на кадарот со ласерски сноп светлина.