Берлинале, еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, пред две години ја зацрта агендата да има една четвртина женски автори во неговата програма. Бројката на наслови во сите селекции од програмата на Берлинале достигнува 300 филмови.

Иако нема прокламирано слична агенда, годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ врви од авторки, посебно во натпреварувачката селекција. Во три случаи од 13-те филмови во натпреварувачката селекција, дури, се работи за тандем режисерка-кинематограферка: Агњешка Холанд и Јоланта Дилевска („Траги од дивеч“), Теона Стругар Митевска и Ањес Годар, а Годар е кинематограферка и на филмот на затворањето на фестивалот, „Нека влезе сонцето“, на режисерката Клер Дени. Сели Потер е режисерка на „Забавата“ (кинематографер е Алексеј Родионов), додека, пак, во филмот „Фелисите“ на Ален Гоми кинематограферка е Селин Бозон. Бозон е и нашата соговорничка.

Селин Бозон е припадничка на средната генерација автор(к)и на француската кинематографија, со 60-тина долгометражни и кратки играни, документарни и ТВ филмови во нејзиното портфолио. Позната е нејзината соработка со француско-алжирскиот режисер од ромско потекло Тони Гатлиф („Бегства“, 2004, и „Трансилванија“, 2006) и Серж Бозон („Франција“, 2007, „Мадам Хајд“). „Фелисите“ на Ален Гоми е сниман во Киншаса, Конго, и ја следи сторијата на една пејачка, самохрана мајка, која се бори за животот и здравјето на нејзиниот син…

Вие, заедно со кинематограферките Јоланта Дилевска и Ањес Годар, но и режисерките Клер Дени и Теона Струга Митевска, сочинувате добра четвртина од авторите во официјалната натпреварувачка селекција. Се чувствува ли растот на трендот на кинематограферки во светски рамки?

Секако! Јас дури можам да кажам дека сум дел од втората генерација кинематограферки, а припадничките на првата генерација, токму Ањес Годар и Каролин Шампетје, беа моите примери во кинематографијата. Гледам дека бројот на кинематограферки расте, ги има сè повеќе и повеќе, а тоа го гледам секојдневно бидејќи и јас предавам филмска камера. Дури можам да кажам дека меѓу студентите има повеќе девојки!

Дали има повеќе емпатија кон женските ликови во филмовите кога зад камерата е жена, како во случајот со „Фелисите“ и нејзината сторија за мачните премрежја во животот?

Уште на почетокот на реализацијата на филмот, кога разговаравме со режисерот Гоми, станав многу љубопитна за ликот на главната хероина, а откако го прочитав сценариото, веќе се идентификував со Фелисите. Фелисите беше, всушност, јас и овој субјективен начин на идентификација со ликот е многу продуктивен.

Колку женскиот филм ја следи трагата на „женското писмо“ во светската книжевност од минатиот век, писмото на Маргарет Дира, Симон Бовоар…? Постои ли женски филм? Можат ли филмовите на Клер Дени, на пример, да се наречат женски филмови?

Многу добро прашање, треба да размислам бидејќи не знам дали навистина има женски филм. Клер Дени, според мене, е многу добра во снимањето на машките ликови, нејзиниот поглед на мажите е многу добар. Но, дали е тоа еден вид женски филм? Всушност, да, знам, женски филмови за мене се, на пример, „Ордет“ на Карл Теодор Дрејер и „Долина на Абрахам“ на Мануел Де Оливеира…

Дали би се согласиле со ставот дека напредокот на технологијата и либерализацијата во реализацијата на филмовите го услови зголемениот број на кинематограферки? Новите камери се полесни, пооперативни…

Јас веќе имам снимено два филма со Тони Гатлиф со аналогна 35мм камера од 20 килограми на раме. Моите почетоци не беа со дигитална камера. Мислам дека зголемениот број кинематограферки не се должи само на напредокот на технологијата, туку и за еден вид социјална еманципација, можноста да се излезе од традиционалните фамилијарни кругови на општеството.