Рајнер Клаусман, кинематограферот кој во последните неколку години работи исклучиво во тандем со режисерот Фатих Акин, со својот последен филм „Од ништо“ наиде на огромен интерес кај фестивалската публика со својата тематика, како и квалитетот на ова ново остварување на Акин. Клаусман е добитник на „Златна камера 300“ со филмот кој, исто така, го работел со Фатих Акин „Со глава во ѕид“, а на фестивалот учествувал и со филмот „На работ на рајот“.

На прашањето како го постигнал квалитетот на филмот, Клаусман одговори дека неколку работи може да ги издвои како најзначајни:

-За ваков филм најпрво ви е потребно добро сценарио, потоа добар режисер и, се разбира, добри актери. Актерката Дијан Кругер имаше навистина одлична изведба, што морам да признаам дека ме изненади, бидејќи претходно не бев многу запознат со нејзината работа – вели Клаусман.

Тој како кинематографер има доста интересен пристап кон работата, а вели и дека повеќе работи од стомак, отколку со мозок.

-Немам ригиден концепт во работата. Доколку нешто било однапред испланирано, но условите на сетот бараат промена, тогаш веднаш правам промена. Искрено, работам повеќе од стомак отколку со мозок – вели Клаусман.

За ексклузивноста која ја има во работата со режисерот Фатих Акин, објасни дека морал да направи избор, а со тој режисер имаат најмногу разбирање и одлично функционираат како тим:

-Во еден период од мојата кариера имав премногу работа, со тимот се гледав повеќе отколку со сопругата и морав во еден момент да донесам одлука. Решив да работам само со Фатих и да не прифаќам работа со други режисери, бидејќи тој е навистина одличен режисер во секој поглед – заклучи Клаусман.