Легендарниот француски мајстор на кинематографијата, Пјер Лом, добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 38. ИФФК „Браќа Манаки“, во малата сала на Центарот за култура во Битола зборуваше за својата филмска работа. Разговорот со Лом го водеше англискиот филмолог Најџел Волтерс.

-Да се биде кинематографер е сериозна работа и не е шега, бидејќи луѓето што се вклучени во снимањето филмови го вложуваат целиот свој живот, а тука мислам не само на кинематограферите, туку и на режисерите, актерите, монтажерите, продуцентите, и сите тие не се филм-мејкери, туку се синема-мејкери.

Лом објасни дека ако сакате да се занимавате со правење филмови мора да го познавате најважниот дел, а тоа е камерата. Иако на почетокот многу се интересирал за музиката, особено за џезот, сфатил дека нема таков талент и ентузијастички се посветил на филската камера, на почетокот снимајќи документарни филмови низ Париз, за во денешно време да стане еден од најзначајните кинематографери во филмската историја.

Модераторот Волтерс го почна разговорот со Лом со студиите во Париз, а тој зборуваше за неговата љубов кон џез-музиката и првото заминување во САД во 1947 година и средбата со американските музичари. Интересот за филмот, но и за архитектурата се појавиле подоцна.

Зборувајќи за своите значајни остварувања Лом се задржа на снимањето на филмот „Армија од сенки“ (Army of shadows) на режисерот Жан Пјер Мелвил. За работата на Мелвил рече дека бил тежок човек и дека може да се спореди со фотографиите на Анри Бресон, кога тој би работел со актери.

Најбитната карактеристика во работата со Мелвил била користењето на тишината во нагласувањето на емоциите на ликовите и квалитетот на мизансценот. Исто така, Лом го потенцира поврзувањето на звукот и музиката со фотографијата, односно со филмските кадри, бидејќи звукот и музиката се важен сегмент од квалитетот на филмското остварување. Под звук често ја подразбира и тишината употребена во филмските кадри.

На прашање од модераторот Волтерс каква била соработката со англиската екипа на филмот „Морис“ (Maurice) на режисерот Џејмс Ајвори, Лом констатира дека голем дел од Французите имаат медитерански карактер, додека Англичаните имаат Кралица, и додаде дека за време на снимањето на филмот понекогаш имале џентлменски конфликти.

„Не е тајна – филмот е колективна работа и за да направите добар филм мора да имате добра комуникација и соработка со екипата“ – заклучи Пјер Лом.