Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска, го претстави годинашното жири кое ќе ги оценува кинематограферите на филмовите од главната компетиција за „Златна камера 300“. Претседател на жирито е Пол Рене Ростад од Норвешка, а останатите членови се Лука Коасин од Италија, Јани Петери Паси од Финска, македонскиот режисер Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ од Босна и Херцеговина.

Претседателот на жирито Пол Рене Ростад истакна дека не е лесна работа да се оценат толку добри кинематографери, тоа според него, е како да бираш помеѓу ремек-дела на Ван Гог или Рембрант, но за тоа имаат три критериуми по кои ќе водат при изборот:

-Најпрво го оценуваме кадарот, потоа употребата на светлото и, се разбира, креативноста на кинематограферот – рече Пол Рене, додавајќи дека е среќен и почестен што се наоѓа на фестивалот во Битола, кој според него е најшармантниот филмски фестивал кој го посетил.

За искуството да се биде дел од жири-комисија, сите членови се согласија дека не е лесна работа да се оценува делото на друг кинематографер, а во процесот и самите можат да научат многу.

-Кога го набљудуваш начинот на кој младите кинематографери го преведуваат јазикот на режисерот во емоција, неизоставно учиш и самиот – вели Лука Коасин.

Јани Петери Паси, минатогодишниот добитник на „Златна Камера 300“, истакна дека детектирајќи ги туѓите грешки, потоа самиот внимава да не ги повторува, а Даријан Пејовски рече дека е интересно искуство да се биде единствениот режисер во жирито составено од кинематографери.