Томи Салковски и Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола имаат прилично долга заедничка историја. И богата.

Салковски е кинематографер по вокација и продуцент по професија. На преминот на двата века долги години беше директор токму на овој фестивал, а пред и потоа чест гостин со неговите проекти, и како кинематографер, и како продуцент.

Годинава на фестивалот е присутен како копродуцент на два амбициозни регионални проекти. Станува збор за филмската серија „Сенки над Балканот“ на режисерот Драган Бјелогрлиќ и кинематограферот Иван Костиќ (српско-македонско-руско-босанскохерцеговска копродукција) надвор од конкуренцијата, и долгометражниот игран филм „Жаба“ на режисерот Елмир Јукиќ и кинематограферот Дејан Димески (босанскохерцеговско-македонско-српско-хрватско-словенечка копродукција) во официјалната натпреварувачка програма.

Дали актуелниот тренд на филмските серии веќе создава нов продукциски формат во филмската индустрија?

„Сенки над Балканот“ е филмска серија, не е телевизиска серија. Последнава година на македонските медиуми можеме да видиме телевизиски серии, тн. „ситкоми“, кои се реализираат во студио, што е поевтина продукциска варијанта. Тие апсолутно имаат своја вредност, воопшто не ги потценувам, но „Сенки над Балканот“ е нешто поинакво. Таа е филмска серија, има филмски пристап, со снимен материјал за 11 епизоди со вкупно времетраење повеќе од 10 часа во првата сезона.

„Сенки над Балканот“ е работена во еден продукциски микс: парчињата од приказната кои што се снимани во Македонија, од првата до последната епизода, се снимени за една недела. Тоа е филмски пристап во продукцијата, која траеше долго, девет месеци, бидејќи беше многу комплексна. Но, паралелно се работеше монтажата на брз и современ начин. Ова дефинитивно е обид да направиме нешто поинакво во регионални рамки, следејќи ги продукциските трендови какви што ги има на Би-Би-Си и останатите водечки компании. Секако, нашите буџети се значително помали, и за прв пат се обидовме да направиме, жанровски класифицирано, еден историски трилер.

Ако на работите погледнете „само“ како кинематографер, апстрахирајќи ја вашата продуцентска улога, дали ваквите филмски серии ќе (о)станат предизвик за класичните кинематографии?

Уффф… Искрено мислам дека овој формат е иднината на филмската индустрија! Телевизијата добива сè поголем замав, а свесни сме дека посетеноста на киното сè повеќе замира. Авторските филмови или филмовите со историски контекст речиси се мртви за киното! Односно, не се гледа поента зошто би се правеле за кино, туку треба да се прават за телевизијата и останатите медиуми, интернетот и платформите за гледање, како VoD (Video on Demand). Последнава деценија сме сведоци дека во киното се успешни само блокбастерите, холивудските мегахитови или комедии. И, од друга страна, ангажираните авторски интелектуални наслови како фестивалски филмови, ако можат така да се наречат. Сето она што е помеѓу, но што е сржта на кинематографијата, таа „сива зона“ која што е и нејзиниот најголем дел, е замрена. Преселбата на најголемите режисери и актери во форматот на сериите е светски тренд. 

Интересно е што годинава на „Браќа Манаки“ имате и филмска серија и класичен авторски игран филм, со социјална тематика.

Да, токму тие два спротивни модели. Јас го сакам авторскиот филм, вљубен сум во тој жанр, и секогаш сум сакал да продуцирам такви филмови, кои можеби ќе остават печат на едно време или на некоја општествена ситуација. „Жаба“ е проект кој, според моја проценка, е многу значаен за регионот, но и пошироко, бидејќи во комплексот на сите филмови со воена или поствоена тематика, „Жаба“ е првиот филм со помирителна порака. Треба еднаш да кажеме, како во „Жаба“: в ред, беше тешко, сè уште е тешко, поминувавме – кој повеќе, кој помалку – низ тешки историски моменти, но доста е веќе, треба да се помириме, да си подадеме рака и да тргнеме кон некоја подобра иднина…