Филмскиот критичар и книжевен преведувач Тео Воцос, кој објавува во угледното специјализирано списание „Филм и ТВ камерамен“ од Германија, е долгогодишен пријател на фестивалот „Браќа Манаки“. Каков е погледот од страна на „Браќа Манаки“, каква е иднината на вакви фестивали со специјализирани програми во чиј фокус е работата на кинематограферите… беа дел од прашањата за Воцос.

Како го оценувате фестивалот „Браќа Манаки“?

Со оглед на тоа што фестивалот е фокусиран на уметноста на филмската камера, моја проценка е дека луѓето што го организираат фестивалот и неговите посетители навистина ја почитуваат работата на кинематограферите. Мислам дека фестивалот доби поизострен профил откако го водат Благоја Куновски-Доре како директор и селектор на главната програма и Гена Теодосиевска како уметнички директор. Фестивалот и неговите програми ги чувствувам многу блиски на мојот сензибилитет, а, секако, многу ми се блиски и луѓето кои имаат таков респект за филмот и филмската камера. Фестивалските луѓе имаат чувство за тоа што е вистински филм.  Забележав, исто така, дека кинематограферите од целиот свет кои гостуваат овде го препознаваат гостопримството на кое наидуваат, и се чувствуваат како дома.

Каква е иднината на фестивали со специјализирана програма, како „Браќа Манаки“? Имаат ли, воопшто, иднина?

Секако дека фестивал како овој има иднина! Фестивалот има традиција, има долга историја, има сегашност, зошто да нема иднина!? Минатото и сегашноста се темелите на иднината. Во каталогот прочитав за пречките од политичка природа кои ги има(л) фестивалот последнава година, но се надевам дека се надминати…

Што мислите, каква е иднината на кинематограферите – и кинематографијата – по дефинитивниот преод од аналогната на дигитална камера?

Мислам дека има иднина, исто така, и за аналогната кинематографија! Од друга страна, пак, сметам дека дигиталната технологија може да биде мошне корисна и во сочувувањето на филингот на аналогната фотографија и кинематографија.