Дејан Димески е македонски кинематографер со најмногу ангажмани на филм во Македонија и регионот, но и на ТВ серии во Русија. Димески, чие професионално портфолио брои петнаесетина наслови, е еден од најзастапените кинематографери во официјалната програма на „Браќа Манаки“. Годинава е во трката за награди со босанскохерцеговско-македонско-српско-хрватската копродукција „Жаба“ на Елмир Јукиќ, минатата година се натпреваруваше со „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, во 2015 година во компетицијата учествуваше со „Лазар“ на Светозар Ристовски, а во 2013 година со „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски.

Интензивната и жестока поствоена драма „Жаба“ е специфична според условите на снимање, бидејќи речиси целиот филм е реализиран во просторот на една берберница.

На годинешната фестивалска програма имаме интересна ситуација: вие сте кинематографер во еден номинално босанскохерцеговски филм, со копродуцентско учество на неколку земји од екс Југославија, додека, пак, кинематограферка на македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска е Ањес Годар од Франција. Веќе не можеме да говориме за национални кинематографии?!

Национални кинематографии веќе не постојат, постои само производот кој излегува од некоја национална држава. Во однос, пак, на работата на кинематограферот, сигурно дека не постојат национални кинематографии, затоа што во сите интернационални проекти ги гледаме нашите интереси како кинематографери. Кога некој кинематографер ќе отиде, некогаш и некаде, во проект надвор од матичната земја, тој секогаш го гледа филмот со други очи.

Каков е тој поглед? Носи ли некој нов квалитет во филмот?

Мислам дека погледот на „кинематографер-странец“ носи нов квалитет. Кога минатата година отидов во Сараево на подготовките за снимањето на филмот „Жаба“, креативните позиции веќе беа рапределени меѓу продуцентите на филмот: македонскиот продуцент Томи Салковски ги доби камерата и тонот. Во вакви проекти многу е важно колку искуство имаш во себе, бидејќи треба веднаш да се изгради доверба меѓу режисерот и креативниот тим. Тој дел од тимот треба најблиску да соработува.

Од пред десетина години снимате телевизиски серии во Русија: можеме ли да очекуваме и ваш кинематограферски потпис на игран филм од таму?

Сè уште немам долгометражен игран филм во Русија бидејќи, за жал, направив пауза од шест години на тој пазар. Секоја пауза зема свој данок, бидејќи по неа следи повторно и повторно докажување. Но, тоа постојано докажување за да останеш во играта мене ми е многу пријатно: последниот филм е секогаш мерило за успехот. Постојат некои параметри за рускиот филмски пазар, веројатно слични на другите во светот, кои велат дека ако сега се одлучам да работам стриктно на тој пазар, по две години ќе снимам и игран филм.

Следниот ваш проект?

Во најава е „Свеќарката“ на Светозар Ристовски и една голема телевизиска серија во Русија…