Филмот „Жаба“, кој беше прикажан како дел од официјалната компетиција, наиде на одличен прием и воодушевување кај македонската публика. Приказната за справувањето со поствоената траума на главниот лик, работена по сценарио на Пјер Жалица и Елмир Јукиќ, доживеа огромен успех и во својата филмувана верзија, како и претходно – како театарска претстава. За филмот говореа продуцентот Адемир Кеновиќ, македонскиот кинематографер Дејан Димески, режисерот Елмир Јукиќ и копродуцентот Томи Салковски.

На „Жаба“ работеше и македонски тим, како дел од сложената копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија.

Продуцентот Адемир Кеновиќ влегол во проектот бидејќи смета дека поствоениот стрес е тема која е многу значајна за овие простори, но ваквите теми во филмовите не треба да имаат цел да ги заплашат луѓето, туку баш напротив, да извлечат нешто позитивно од тоа:

-Уште кога ја погледнав театарската претстава „Жаба“, си помислив дека ова треба да го видат многу повеќе луѓе, и бев пресреќен што околностите се склопија така да се направи и овој филм со кој луѓето можат да се идентификуваат и да го доживеат како една своевидна колективна терапија. Ние како филмски работници имаме одговорност да ги адресираме овие теми и да се трудиме преку она што го работиме да ги поместиме работите во општеството на подобро – рече Кеновиќ.

Продуцентот Томи Салковски пак, рече дека е презаситен од пост воени филмови, но откако стигнал до крајот на сценариото сфатил дека ова е, всушност, оптимистички филм за нов почеток.

-Ова е значајна тема, која ни докажува дека имаме сили во нас и можеме да почнеме одново. Среќен сум што сите екс-ју држави ја увидоа важноста на темата и се приклучија како копродуценти. Македонскиот дел од тимот учествуваше со своја екипа на сниматели и во делот на звукот – рече Салковски.

Режисерот Елмир Јукиќ истакна дека приказната воопшто не е ограничена на балканскиот простор, туку совршено добро би функционирала и во поширок контекст.

Кинематограферот Дејан Димески, околу неговиот дел од работата истакна дека било предизвик да се работи во затворена просторија со многу прозорци и огледала и со долги кадри, кои би ја доловиле енергијата и изведбата на актерите – кон кои било прилагодено снимањето.