ИФФК „Браќа Манаки“ го одбележува јубилејот 70 години од основањето на „Вардар филм“, а тоа беше и повод да се прикаже новиот документарен филм „Тоа беше добар филм“ во продукција на МРТВ, кој е реализиран со помош од Кинотека на Македонија. На прес-конференцијата во Битола беа присутни Никола Т. Калајџиски, Соња Самарџиева и Томи Алексов, а со нив разговараше уметничката директорка на фестивалот, Гена Теодосиевска.

Се работи за документарен филм составен од интервјуа со актуелни филмски работници од Македонија, како и инсерти од постари архивски материјали на филмови и личности од македонската филмска индустрија.

Авторот Никола Т. Калајџиски објасни дека во проектот влегле со режисерот Томислав Алексов, со кој работејќи на друг проект низ разговор заклучиле дека е редно да се одбележи 70-годишнината од формирањето на „Вардар филм“.

-Нашата куќа (МРТВ) е должна да го одбележи љубилејот и ако ништо друго да потсети на него. До филмот дојде на една случајна средба со мојот колега Томислав Алексов, со кој работевме еден документарец. Тој ми рече дека 70 години „Вардар филм“ е нешто што сме должни да го одбележиме, а јас со задоволство прифатив да асистирам. Така влеговме во продукција на еден филм кој јас многу емотивно го доживеав. Беше тоа едно многу специфично чувство, бидејќи се работи за филм за нешто што било гордост за сите нас сиве овие 70 години, а во моментов го нема. Токму затоа и поднасловот на филмот е „Љубовна приказна за една невозвратена љубов“ – рече Калајџиски.

Тој, исто така, додаде и дека проекцијата на филмот на фестивалот „Браќа Манаки“ сите од тимот ја доживеале многу емотивно и за крај ја упати пораката: „Филмски работници од Македонија, ве молам обединете се!“.