Во чест на големиот италијански мајстор на кинематографијата, Џузепе Ротуно, добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 38. ИФФК „Браќа Манаки“, во малата сала на Центарот за култура во Битола мастерклас одржа неговиот некогашен студент и актуелен член на жирито за главните награди на фестивалот, кинематограферот Лука Коасин.

Со приказ на повеќе документарни фотографии и инсерти од филмските ремек-дела, кинематограферот Коасин ги откри тајните на карактерот и на занаетот на еден од најзначајните италијански мајстори на кинематографијата, Џузепе Ротуно, главно зборувајќи за неговата работа со легендарните Лукино Висконти и Федерико Фелини, но беа откриени детали и од работата со режисерите Роберто Роселини, Виторио де Сика, Боб Фос, актерите Марчело Мастројани, Клаудија Кардинале, Ален Делон и многу други.

Во однос на карактерот на Ротуно, како студент и сега како пријател, Коасин откри дека Ротуно и на 90 години изгледа како дете, но на сетот секогаш бил авторитетен и екипата кон него се однесувала со извесна доза на стравопочит. Од студентските денови Коасин се сеќава дека Ротуно ги поучувал дека камерата е сервис на приказната и на сценариото, а целото свое знаење и искуство секогаш ги става во функција на подетално доловување на филмската приказна и осликување на карактерите на актерите. Коасин потенцираше дека Ротуно е мајстор на крупните кадри (close up), но и дека во неговите кадри има планови што носат повеќе дејства во исто време.

Во текот на својата работа Ротуно не бил имун на експерименти и често работел и во невообичаени формати на филмска лента, покрај 35 мм, како 65 мм, 70 мм и други, но експериментирал и со визуелните ефекти што тогашната технологија можела да ги постигне. Интересен е и податокот што Ротуно бил еден од кинематограферите што прв употребил дигитална камера за снимање филм.

Од соработката со режисерите Висконти и Фелини познато е тоа што Висконти бил перфекционист и секогаш до детал ги разработувал карактерите и деталите во снимањето на неговите филмови, додека со Фелини, иако станувало збор за често надреални ситуации, едноставно се разбирале со поглед во очите.

Токму затоа еден од најважните совети што им ги давал на своите студенти е да ги тренираат очите за да можат полесно и побрзо да ги решаваат проблематичните ситуации со светлото и шминката за време на снимањето и да имаат чувство како да ги снимат крупните кадри на актерите.

Да се разбере суштината на неговата работа со светлината често велел дека со само 7 ноти со векови се создаваат прекрасни оригинални музички композиции. Истиот случај се однесува и на работата со камерата и фаќањето на зраците светлина, независно дали станува збор за црно-бел или колор филмско остварување.