Во редовниот термин за средба со новинарите, на 25 септември гостуваше кинематограферката на филмот „Трага од дивеч“, кој е дел од официјалната компетиција, Јоланта Дилевска. Таа по четврти пат е застапена во официјалната компетиција на „Браќа Манаки“ – овојпат со филмот „Трага од дивеч“. Таа за прв пат учествуваше на фествалот во 2006 година, со филмот „Момчето на галопирачкиот коњ“, а има освоено и Златна и Сребрена Камера 300.

Филмот „Трага од дивеч“ е во режија на Агњешка Холанд, а се работи за втора соработка на Јоланта Дилевска со таа режисерка. Претходната нивна соработка „In the darkness“ е добитник на наградата Златна камера 300 во 2012 година.

Јоланта Дилевска е воедно и режисерка, претежно на документарни филмови. Таа во разговорот истакна дека работата на филмот не била едноставна:

-Во филмот работевме со животни, а режисерката Агњешка Холанд е автор со голема визуелна интелигенција, па работата со неа е голем предизвик – рече Дилевска на прес-конференцијата.