Екипата на филмскиот серијал „Сенки над Балканот“ составена од режисерот Драган Бјелогрлиќ, копродуцентот од македонска страна, Томи Салковски, режисерот на една епизода Игор Иванов и актерите Марија Бергам, Јана Стојановска, Перо Арсовски и Петар Мирчевски објасни повеќе детали поврзани со оваа филмска копродукција.

„Сенки над Балканот“ е филмска серија изработена како копродукција помеѓу Србија, Македонија, Русија и Босна и Херцеговина, а која наскоро ќе се емитува на МТВ. Една епизода од серијата беше прикажана како дел од програмата на фестивалот.

Авторот, продуцент и актер, Драган Бјелогрлиќ објасни дека периодот помеѓу двете светски војни му бил предизвик, а за потребите на филмот работел со историчари со цел подетално да ги осозне патиштата на опиумската мафија која функционирала на овие простори, а според него, токму во тој период помеѓу двете светски војни се одвивале односите кои што кои ќе го дефинираат остатокот од 20. век.

-Работев со историчари од кои едниот ми беше консултант за руската тема, другиот за балканските патишта на опиумот и третиот за ВМРО, професорот Жежов од Македонија. Истражувајќи го тој период дојдов до неколку интересни приказни, за руската царска војска која во СХС функционирала како своевидна паравоена формација – рече Бјелогрлиќ.

Актерот Петар Арсовски вели дека иако на почеток се двоумел дали да ја прифати понудата за соработка, по средбата со Бјелогрлиќ веднаш нашле заеднички јазик, а неговиот начин на работа му оставил добар впечаток.

-Тоа што Драган Бјелогрлиќ учествуваше во речиси целиот процес и како режисер и во кастингот и продукцијата, е доказ дека не е лошо еден човек да ги има сите палки во своите раце и да успее да развие една таква хармонична екипа, каде што секој од нас се чувствува и како дел од екипата, но воедно внесува и свој авторски, индивидуален, прилог во филмот – рече Арсовски.

Игор Иванов – Изи, кој е режисер на осмата епизода од серијата, објасни дека за него работата на филмот била интересно искуство, бидејќи не бил на врвот на креативната хиерархија.

-Ова е проект во кој јас не сум на врвот на креативната хиерархија, бидејќи сериите така се работат. За мене ова беше интересно, затоа што на маниристички начин човек влегува во проектот по естетски параметри кои некој друг му ги поставил. Беше навистина супер, бидејќи ја гледаш „партијата шах“ малку од страна и тоа дава други креативни можности – рече Иванов.

Тој, исто така, додаде дека Бјелогрлиќ како режисер ги следи трендовите, што е многу значајно.

-Она што за мене беше најважно е тоа што Драган Бјелогрлиќ воопшто не каска по трендовите и овој жанр кој што го обработува, овој историски трилер, е апсолутно актуелен. Она што за мене беше најфасцинантно е тоа што овој човек има свест за публиката на која и се обраќа, што е реткост. При тоа не мислам на истражувањата што денеска ги прават големите дистрибутерски компании од западот, тоа е повеќе на ниво на талент и интуиција. По мое видување, од таа свест потекнува и анахроната и еклектична естетика која Бјелогрлиќ ја воспоставува во овој серијал – вели Иванов.

Кинематограферот Иван Костиќ не беше присутен, но Бјелогрлиќ изрази големо задоволство од неговата работа.

-Жал ми е што директорот на фотографија, Иван Костиќ, не е присутен со нас. Ова е негова прва самостојна работа. Тој претходно работеше како помошник на директорот на фотографија на мојот филм „Монтевидео“. Забележав дека човекот има посебен поглед на работите и предлагаше доста интересни, но необични и конзистентни кадри – објасни Бјелогрлиќ.

Актерите Петар Арсовски, Јана Стојановска и Марија Баргам, пак, го изразија своето задоволство што имале можност да работат со ваква професионална екипа.