Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска разговараше со  Клеменс Данцер/Clemens Danzer, претставник на глобалната компанија во индустријата на подвижни слики, АРРИ, која оваа година ја прославува 100-годишнината од своето постоење. АРРИ е водечки дизајнер и производител на системи за снимање и осветлување во филмската и радиодифузната индустрија, со мрежи на глобална дистрибуција и услуги. Компанијата е формирана во 1917 година, во Минхен, Германија, каде што и денеска се наоѓа нејзиното седиште.

-Многу сум возбуден што сум тука. За прв пат сум во Македонија и жал ми е што не го говорам вашиот јазик се уште, но се надевам дека ќе бидам овде почесто и тоа ќе се промени. Она што навистина ми се допаѓа околу фестивалот е што е фокусиран на кинематограферите. Сметам дека тоа е многу посебно, доколку се спореди со останатите фестивали во Европа. Кинематограферите се луѓето кои што ја овозможуваат филмската магија и ни ја пренесуваат емоцијата – рече Данцер.

Тој објасни дека срцето на АРРИ, компанијата за која тој работи веќе 26 години, се всушност, инженерите кои постојано работат на иновации и подобрување во опремата за снимање филмови и ја поставуваат АРРИ како лидер на светскиот пазар, посебно со новата мини камера Алекса, која се повеќе кинематографери ја користат како главна камера за снимање на филмовите, иако првично била замислена како помала, споредна камера.