Клеменс Данцер (Clemens Danzer) е претставник на глобалната компанија во индустријата на подвижни слики, АРРИ. АРРИ годинава ја прославува 100-годишнината од своето постоење. Компанијата е формирана во 1917 година, во Минхен, Германија, каде што и денес се наоѓа нејзиното седиште. АРРИ е водечки дизајнер и производител на системи за снимање и осветлување во филмската и радиодифузната индустрија, со мрежа на глобална дистрибуција и услуги. 

Данцер веќе 26 години е дел од тимот на АРРИ, и е претставник на одделот за изнајмувавање опрема во компанијата. Компанијата работи со камери и светлосна опрема, постпродукција, кино-опрема, медицинска опрема…

Какво е чувството да се работи во компанија со стогодишна традиција?

Тоа е убаво чувство, иако јас сè уште се чувствувам доста млад (се смее).

Луѓето во светот, не само филмските професионалци, ја препознаваат АРРИ како квалитет…

Правиме сè што е во нашата моќ да ги постигнеме целите на кинематограферите. Тоа што на пазарот постоиме сто години ни дава самодоверба дека работите ги правиме на вистинскиот начин. Но, се разбира, трката со технолошкиот напредок е континуирана, и секогаш мораме да бидеме подготвени, не смееме да сопреме, мораме да ги држиме очите отворени и да бидеме свесни за тоа што се случува во индустријата. Секако, мораме да бидеме и во постојан дијалог со кинематограферите и клиентите, во кој правец сакаат да се развива бизнисот. За нас е битно да создадеме продукти со кои што луѓето ќе сакаат да работат.

Каков предизвик беше преминот од аналогна на дигитална технологија?

Еден од најголемите предизвици за нас беше брзината на таа трансформација. Бевме свесни дека дигиталната технологија ќе надвладее во иднина, но без разлика на тоа, аналогните камери ќе ни останат во срцето. Предизвикот беше преминот кон дигиталното, тоа е целосно нов свет, и тоа што сакаме е да им овозможиме на филмските творци да имаат покинематограферски пристап со нашите продукти.  

Колку повозрасните кинематографери се носталгично врзани за аналогните камери и филмската лента?

Секако дека се носталгични. Но, имавме прекрасно искуство со Роџер Дикинс, кој што го снимаше сиквелот на „Блејд ранер 2049“ на режисерот Дени Вилнев минатата година со дигитална технологија, иако целиот живот снимал со аналогна камера. Од друга страна, пак, имаме пример со Матјаж Ердељ, кинематограферот на „Синот на Саул“, филмот што доби Оскар за најдобар странски филм пред три години. Ние сме во постајан контакт, и Ердељ одлучи и следниот филм да го прави со 35 мм камера, иако обично користи 65 мм камера. Тоа е многу возбудливо за нас како компанија.

Резолуцијата на сликата не е сè во креирањето на камерите, не се концентрираме исклучиво на резолуцијата, важно е колку пиксели има сензорот, и каква динамика и каков квалитет ќе добие сликата. Компанијата има различен пристап кон клинетите, но на крајот од денот клиентите се тие што одлучуваат.

Дваесеттиот век помина во знак на „борбата“ меѓу производителите на камерите „Мичел“ и АРРИ. Кои се денешните конкуренти на АРРИ?

„Мичел“ веќе не постои, компанијата беше преземена од „Панавижн“. „Панавижн“, „Сони“, „Панасоник“… сите тие компании ни се добредојдена конкуренција.