Бугарско-македонско-германската копродукција „Насоки“ на режисерот Стефан Командарев, со која што беше свечено отворено годинешното 38-мо издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, е првиот прикажан филм во официјалната натпреварувачка селекција, со кинематограферот Веселин Христов. „Насоки“ е роуд-мови со приказна од современото бугарско општество (сценаристи се Симеон Венциславов и Стефан Командарев), која започнува со убиството на еден банкар. Убиецот е сопственик на мал бизнис кој вози и такси, а неговиот чин разгорува национална дебата во ноќната програма на едно радио. Сторијата ги следи приказните на шест таксисти и нивните патници во една ноќ…

„Насоки“ ја имаше светската премиера во мај, на престижната програма „Извесен поглед“ на годинешниот Кански фестивал. Интересно е што македонската премиера на филмот се случува пред премиерата во Бугарија. „Насоки“ се смета за нискобуџетна продукција, со буџет од 600.000 евра.

Македонските копродуценти на „Насоки“ се Владимир Анастасов-Вац и Ангела Несторовска од „Сектор филм“ по втор пат соработуваат со Командарев, по „Пресуда“ (2014 година), кој освои 12 награди и беше бугарски претставник на наградата Оскар.

Кој беше предизвикот за „Сектор филм“ да влезе во копродукцијата на „Насоки“?

Несторовска: Во нашата продуцентска куќа многу често пристигнуваат филмски сценарија од автори од повеќе земји, но кога го прочитавме сценариото на Венциславов, сметавме дека приказната е многу интересна. Иако приказната се случува во Софија, Бугарија, има големи сличности со ситуациите во земјите во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Приказната не се пресликува идентично, но има многу големи сличности. Начинот на кој приказната беше претставена во фрагментарна структура ни се виде многу интересен предизвик. За жал, ние не бевме во можност да присуствуваме на самото снимање на филмот, но му претходеа долготрајни подготовки, бидејќи реализацијата на филмот е низ долги кадри во движење, со камера од рака, најчесто во кабината на такси-возилото. Кога имавме можност да ја видиме првата верзија на филмот, тоа беше изненадување за мене: ова е една од ретките пректи кога реализираниот филм е многу подобар од сценариото.

„Сектор филм“ во втор пат соработува со Командарев. Колку продуцентите сакаат да градат подолгорочна тандемска соработка?

Анастасов: Сакам да соработувам со автори што мене ми се допаѓаат и кои имаат одлична комуникација со нашата продукциска куќа. Сакам да ги негувам тие релации, како оваа втора соработка со Стефан Командарев. Тоа се случуваше, и сè уште се случува, и со соработката со српскиот режисер Срѓан Драгоевиќ: планираме и развиваме два долгометражни играни филмови. Посакувам такви подолгорочни соработки и со македонски режисери, во моментот работиме на тој случај. Тоа е стилот на нашата продукциска куќа – веруваме во авторот!

Се чувствува ли некој вид завист што филмови како „Насоки“ не се снимаат (и) во Македонија?  

Анастасов: Да, да, токму другарките на Ангела рекоа дека чувствуваат завист што „Насоки“ не е македонски филм…

Несторовска: Две мои пријателки по проекцијата ми рекоа дека е убаво да ги видат нашите имиња како копродуценти на ваков филм, но повеќе би сакале да не видат потпишани и како продуценти на македонски филм во ваков стил. И покрај блискоста на темата и сторијата, сепак, поинакво е чувството да се слуша македонскиот јазик во филмот. Се надеваме дека во иднина ќе направиме таков проект…

Очигледна е успешноста на формулата на новиот бран на романскиот филм, која е применета и адаптирана според поднебјето во „Насоки“. Која, пак, е формулата, за успешен нискобуџетен филм?

Анастасов: Како што рече и Ангела, основата на успешен филмски проект, сепак, е доброто сценарио. Романскиот нов бран има прекрасни филмови. Со вистински социјални приказни како тема и со скромни буџети за реализација, изминатава деценија направија доста успешни филмови. Сепак, филмот е тимска работа, зависи од многу фактори, од сценариото до успешната режисерска реализација, како и учеството на останатите членови од екипата.