На затворањето на 38. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, министерот за култура Роберт Алаѓозовски изрази благодарност до сите учесници на фестивалот, до филмските работници кои пред речиси 40 години создадоа бренд кој уште зрачи со единственост помеѓу безбројните филмски фестивали ширум светот.

-Освен филмските работници, признание заслужуваат и вистинските домаќини на фестивалот, битолската публика. Оваа публика е нашиот центар, оваа публика сме сите ние. Токму заради љубителите на уметноста, Фестивалот треба да продолжи да се развива како грижливо креирана прослава на филмот, со возвишена почит кон директорите на фотографија и нивната посветеност во конструкцијата на естетиката на подвижните слики – рече Алаѓозовски.

Тој, исто така, ја изрази поддршката на Министерството, насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот, во духот на современите трендови во уметноста.

-Тоа го демонстриравме и неодамна, кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, што го организира над 3 децении. Решени сме да ја антиципираме иднината свртени кон квалитетот во создавањето, но истовремено горди на нашата традиција и на свежината на искуството од таа традиција. Тоа е скапоцено, благородно, и навистина многу ретко, и затоа сите ние треба достојно да го претставуваме и надградуваме – рече министерот Алаѓозовски.