ЗА ФЕСТИВАЛОТ


 

Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина),а  во соработка со градот- домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата МАНАКИ: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964, кому воедно годинава му одбележуваме и 135 години од раѓањето). Со тоа природно биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, Градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.

На почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.

Така, Битола стана мека на најдобрите светски директори на фотографија, откривајќи многу нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровци кои низ годините шетаа по улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо.

Покрај плејадата лауреати на наградите од Официјалната конкуренција-КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки” е горд и на својот КЛУБ НА ВЕЛИКАНИТЕ, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300“ за животно дело и „Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност”.

По постхумно доделената „Златна камера 300“ за животно дело на Милтон МАНАКИ на 17. фестивал во 1996 година, а следната и Златните камери 300 за животно дело на македонските доајени – кинематограферите Љубе ПЕТКОВСКИ и Бранко МИХАЈЛОВСКИ, во следните изданија до денес, лауреати на овие вредни награди, на првата, станаа кинематограферите-великани на светската филмска уметност како: Свен Никвист, Анри Алекан, Фреди Френсис, (како тогашен претседател тој иницира и го претвори во реалност почесното членство на браќата Милтон и Јанаки МАНАКИ во светски престижното Британско друштво на сниматели, чиј оригинален сертификат е врамен и се чува во канцеларијата на Фестивалот  „Браќа Манаки“ во Скопје), Хозе Луис Алкаине (исто и како претседател на интернационалното жири), Јержи Вујчик, Раул Кутар, Виторио Стораро (и претседател на жирито), Вадим Јусов, Мирослав Ондричек, Тонино Дели Коли, Валтер Карваљо, Михаил Балхаус, Вилмош Жигмонд (и претседател на жирито), Били Вилијамс, Питер Сушитски (и претседател на жирито), Данте Спиноти (и претседател на жирито), Анатолиј Петритски, Лучано Товоли (и претседател на жирито), Крис Менџис.

Добитници на втората награда по важност се: Кристофер Дојл, Ентони Дод Ментл, Роби Милер, Бруно Делбонел, Роџер Прат, Кристијан Бергер, Ањес Годар, Лука Бигаци; и од редовите на актерите: Викторија Абрил, Дерил Хана, Катрин Денев, Изабел Ипер, Жилиет Бинош, Чарлс Денс, Мики Манојловиќ и режисерите: Јержи Менцел, Вељко Булајиќ, Карен Шахназаров и Менахем Голан, како и двократниот оскаровец-продуцентот Бранко Лустиг. Многумина од овие великани како претседатели на главното жири или членови придонесоа вредноста на главните награди да стане многу значајна за добитниците.

 


ГРАДОТ БИТОЛA


 

Вториот најголем и еден од најстарите градови во Македонија, Битола, е лоциран во југозападниот дел на земјата. Битола била основана под името Хераклеа Линкестис во средината на IV век п.н.е. од страна на Филип II Македонски. Со оглед на тоа дека многу европски земји имаат свои конзулати во Битола, и тоа уште од времето на Отоманската империја, позната е и како „Градот на конзулите“. Битола е административен, културен, индустриски, комерцијален и образовен центар, но исто така во последните дваесет години е и центар на македонската и регионалната кинематографија. Секоја година различни национални и странски продукциски куќи ги снимаат своите филмови во градот или неговата околина. Разноликоста на локациите и погодните инфраструктурни услови се главната причина зошто многу филмаџии го избираат овој град за своите филмови и тв-серии.  Градскиот живот пулсира низ добропознатиот Широк Сокак, преку Старата чаршија до прекрасните и мистериозни пејзажи што се протегаат во околината. Уникатната стара и понова архитектура, природните убавини што ја опкружуваат, и гостопримството на локалните жители е она што ја прави Битола незаборавна во спомените на луѓето што ја посетиле. Овој град ќе го доживеете како богатство од бесценета материјална и духовна култура создадена низ вековите од познати и непознати мајстори. На кратка оддалеченост од градот се наоѓаат прекрасни планини и низини што се идеални и за уметниците и за љубителите на природата. Две од најубавите езера во овој дел на Балканот-Охридското и Преспанското- се во близина на Битола, аво близина е и Мариовскиот крај исто така.Градот е поврзан со автопати и магистрални патишта до Скопје и Солун каде што се и најблиските аеродроми во регионот. Градот е исто така и домаќин на најголемиот филмски фестивал во Македонија, ИФФК „Браќа Манаки“. Секоја година градот е зборно место на најдобрите директори на фотографија отсекаде на светот.Убавината на Битола како и нејзиниот шарм и величественост ќе останат во вас.


ДРУШТВО НА ФИЛМСКИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ НА МАКЕДОНИЈА


 

Друштвото на филмски професионалци на Македонија е основано на 21 мај, 1950 година. Со своето професионално членство, Друштвото е олицетворение на суштината на македонската кинематографија. Различни филмски профили учествуваат во создавањето на различни фимски оставарувања  од краткометражниот филмски жанр: документарниот профил, краткометражниот игран и анимираниот профил исто како што учествуваат и во создавањето на играни филмови или долгометражни документарци. Од своето основање до денес, во текот на изминатите шест декади, Друштвото на филмски професионалци на Македонија се грижи за развојот, ширењето и унапредувањето на филмската професија, пред сѐ за унапредувањето на професионалноста и експертизата на разновидни профили од сите генерации што учествуваат во филмската продукција во Република Македонија. Една од главните цели е да се поттикнуваат слободата и квалитетот на филмскиот израз како и афирмацијата на македонскиот филм и неговите креативни дострели како неизоставен дел од целокупниот културен живот во Македонија. Континуитетот и виталноста се одржуваат преку создавање на нови генерации образувани млади професионалци.


СОВЕТ НА ФЕСТИВАЛОТ


 

Гена Теодосиевска - Директор на фестивалот „Браќа Манаки“ и претседател на Советот на фестивалот
Гена Теодосиевска - Директор на фестивалот „Браќа Манаки“ и претседател на Советот на фестивалот
Игор Иванов - Изи, претседател на Здружението на филмски работници на Република Македонија
Игор Иванов - Изи, претседател на Здружението на филмски работници на Република Македонија
Горјан Тозија, Директор на Агенцијата за филм на Република Македонија
Горјан Тозија, Директор на Агенцијата за филм на Република Македонија
Благоја Куновски - Доре, поранешен Претседател на фестивалот „Браќа Манаки“
Благоја Куновски - Доре, поранешен Претседател на фестивалот „Браќа Манаки“
Наташа Петровска, Градоначалник на општина Битола
Наташа Петровска, Градоначалник на општина Битола
Владимир Ангелов, в.д. Директор на Кинотека на Република Македонија
Владимир Ангелов, в.д. Директор на Кинотека на Република Македонија
Насер Цури, Директор на „Вардар филм“