СПЕЦИЈАЛНИ ГОСТИ



ЏИМ ШЕРИДАН


Доказ за големиот респект на ЕФА кон нашиот фестивал, во името на традиционално добрата соработка, е испраќањето на угледниот ирски сценарист и режисер Џим Шеридан  како свој висок претставник. Неговото присуство е посебна чест и задоволство за нас и секако дека многубројните домашни и странски филмофили ќе знаат да го поздрават и ценат тоа што токму тој лично ќе биде на чествувањето на нашиот 40.јубилеј.

Шеридан е  роден во Даблин во 1949 и е секако еден од водечките автори, сценаристрежисер на ирската кинематографија, која е горда на неговиот опус  што го вивна во височините не само на пошироката кинематографија на Обединетото Kралство/UK туку и во светски рамки.

Врв на неговата кариера и воопшто врв на ирската кинематографија е ремек-делото ВО ИМЕТО НА ТАТКОТО/IN THE NAME OF THE FATHER, кој на Берлинскиот фестивал во 1994 ја освои заслужено„Златната мечка“, по што филмот се закити со уште 7 други светски награди и рекорден број номинации, меѓу кои се 7 номинации за „Оскари“, 4 номинации за „Златниот глобус“ и 2 номинации на БАФТА. Иако сите овие 3 угледни институции мораа да имаат слух да им дадат во прв ред  „Оскар“, „Глобус“ или БАФТА-награди на филмот во целина, на Шеридан за сценарио и режија и секако на актерот Дениел Деј Луис/Daniel Day-Lewis,  за неговата маестрална креација на тинејџерот од  Даблин, Гери Конлон/Gerry Conlon. Еден од четворката обвинетипод познатата тортура на англиската полиција, која ги присилува да признаат дека се терористите  на подметнатите бомби од ИРА во 1974 во лондонскиот Гилфорд паб/Guilford Pub, при што имало жртви, а тој и татко му се осудени, тој доживотно, за по одлежани  15 години затвор, нивниот случај  да е обновен од адвокатката  (ја игра исто такаодличната Ема Томпсон/Emma Thomson) која се бори за нивно ослободувањеи рехабилитација и истерување на вистината и правдата на виделина, иако затворското време минало неповратно.  Клучна визуелна карика во овој маестрален филм е и оскаровецот,кинематограферот од ВелсПитер Бизју/Peter Biziou. Самиот воедно и филмски актер со скромни амбиции,  Шеридан во секој од своите филмови има посебен однос  кон избраниот кастинг, заедно со кинематограферите со кои соработува, па така Деј Луис е неговиот омилен артист со кој плодната соработка ја почна во својот првенец,  што го реализира дури кога имаше 40 години-восхитувачката психолошка и длабоко хумана драма- МОЕТО ЛЕВО СТАПАЛО/MY LEFT FOOT (1989), во кој Луис го игра хендикепираниот Кристи Браун/Christi Brown, кој поради церебралната парализа може да црта и пишува само со движење на своето лево стапало – што му го донесе „Оскарот“ за главна машка улога, а во улогата на мајка му, артистката Бренда  Фрикер/Brenda Frickerго освои „Оскарот“ за споредна женска улога.Во овој свој првенец Шеридан соработуваше со кинематограферот  Џек Конрој/Jack Conroy.

Третата ефектна сорабoтка меѓу Шеридан и Деј Луис е филмот БОКСЕР/BOXER (1997), во кој во тројното својство на продуцент-сценарист-режисер, Шеридан го артикулира неизбежниот, би рекол, опсесивен синдром на ИРА/IRA, со Деј Луис во енергичната и несекојдневна креација на боксерот Дени Флин/Danny Flynn, кој поради својата инволвираност во ИРА, по одлежаниот затвор од  14 години се враќа во своето работничко соседство и на својата девојка Меги/Maggie (Емили Вотсон/EmilyWatson), продолжувајќи го животот како боксер. Спецификата на неговата улога како боксер е уште еден доказ за неговата актерска енергија, тренирајќи и успешно боксирајќи пред камерите, како да е професионалец, што е секако карактеристика на расните артисти. Филмот БОКСЕР е ново тројно креативно дело, во прв ред на сценаристотрежисер Шериган, потоа улогата што ја толкува како насловна, Деј Луис, и секако визуелното пакување од страна на искусниот, двократен оскаровецкинематограферот и режисер Крис Менџис/Chris Menges (нашиот лауреат на „Златната камера 300“ за животен опус).

-Вториот филм на Шеридан е ПОЛЕ/THE FIELD (1990), во кој е ставен силен печат на патриотското сфаќање на тежината на родната грутка, кога „Бикот” Мекејб/”Bull” McCabe, во оскаровската креација на актерот Ричард Херис/Richard Harris, се бори по смртта на еден сопственик на земја, истата понудена на аукција, да му ја одземе на кандидатот од Америка, кој како дојденец/натрапник ќе ги  осквернави автентичноста и исконот на корените на поседувањето на сопствената родна грутка. Оваа расна етно-драма во амбиентите на ирскиот искон ја снимил кинематограферот Џек Конрој/Jack Conroyод моето ЛЕВО СТАПАЛО).

-Во доменот на сценаристиката, како негова специјалност, Шеридан во 1996 за филмот на режисерот Тери Џорџ/Terry George, го пишува сценариото за филмот СИН НА НЕКОЈА МАЈКА/SOME MOTHER’S SON (со Хелен Мирен/Helen Mirren), работено според автентичен настан од 1981, кога во еден ирски затвор ИРА-затвореникот  Боби Сендс/Bobby Sands штрајкува со глад поради третманот на ИРА-политичките затвореници како криминалци. Извонредна актерска психодрама со синдромот на ИРА.

Сопствените искуства, откако во 1982 на 33-годишна возраст ќе се пресели да живее и работи во Америка, Шеридан автобиографски ќе ги прекопира во својот филм ВО АМЕРИКА/IN AMERICA (2002)-приказна за едно ирско семејство кое илегално ќе емигрира во САД.  Таткото Џони Саливен/Johnny Sullivan (го игра актерот Педи Консидајн/Paddy Considine) е артист кој мора да успее во тешките животни околности, за да се грижи за своите 2 останатидеца и мајката Сара/Sarah (Саманта Мортон/Samantha Morton), кои треба да ја пребродат и трагедијата од смртта на своето 5-годишно синче. Оваа менхетенска драма  ја снимил во неговиот карактеристичен израз, американскиот кинематографер Деклен Квин/Declain Quinn, а на Шеридан му ја донесува оскаровската номинација за најдобро сценарио.

Инспириран од изворниот истоимен филм на данската режисерка Сузане Биер/Susanne Bier, во 2009, Шеридан ја прави како римејк американската верзија на филмот БРАЌА/BROTHERS, со одличниот casting: Џејк Гиленхал/Jake Gyllenhaal, Тоби Мегвајр/Tobey Maguire,  Натали Портман/Natalie Portman, приказна за исчезнат брат кој војува во Авганистан, додека неговиот брат и неговата жена влегуваат во неверна/прељубничка  врска. Кинематографер на оваа верзија е искусниот Американец Фредерик Елмис/Frederick Elmes.

Шеридан, одново  како комплетен автор,во 2011 го режира психотрилерот КУЌА НА СНИШТАТА/DREAM HOUSE, со одличниот casting: Даниел Крег/Daniel Craig, Рејчел Вајс /Rachel Weisz, Наоми Вотс/(Naomi Watts-кога при вселувањето во новата куќа како дел од нивните соништа, едно семејство ќе се соочи со трагедијата, кога во таа куќа се случуваат убиствата на една мајка и нејзините деца. Кинематографер на овој нов ефектен актерски филм е шесткратно номинираниот за „Оскар“ Калеб Дешанел/Caleb Deschanel.

Како косценарист (според  романот на Себастиан  Бери/Sebastian Barry) во 2016 ja режирa  психодрамата ТАЈНИОТ РАКОПИС/THE SECRET SCRIPTURE,  со актерката Руни Мара/Rooney Mara во личноста на жена која го пишува својот исповеден дневник додека престојува во ментална болница. Мистиката и меланхоличната димензија на филмот е специјалност во визуелниот израз на рускиот кинематографер Михаел Кричман/Michael Chrichman (лауреат на фестивалот „Браќа Манаки“).

Доследно на своето интересирање за автентични настани кои го привлекле светското внимание, и во својот хронолоши најнов филм ЛОКЕРБИ/LOCKERBIE, според документаристичката книга на писателот Питер Бидалф/Peter Biddulph, Шеридан ќе го актуелизира константниот феномен на тероризмот,  ставајќи ги во фокусот на својот филм настаните од 1988, кога над шкотското гратче Локерби од двајца либијски терористи беше срушен авионот на Пан Ам/Pan Am, со 269 жртви, меѓу кои и ќерката Флора, чиј татко д-р Џим Свајр/Dr. Jim Swire ќе го почне истражувањето за откривање на злосторниците и нивно казнување, со што како конечна сатисфакција, и покрај големата семејна загуба-се рехабилитира суштината на правдата со сите геополитички и општествени димензии.

Благоја Куновски – Доре


ФАТИХ АКИН


Во филмската сторија се е важно, бидејќи и најмалиот детал упатува на одредени назнаки за антиципација, одредени моменти на подготвеност да се разбере приказната, да се предвиди крајот, а гледачот многу често е толку несвесно преокупиран со крајот, што за жал го пропушта процесот на контемплација, восприемање. Ја пропушта мигновеноста на свртување на дејството, на чудесната промена на ликовите од позитивни во негативни и обратно, го пропушта она што се случува меѓу дијалозите, го пропушта филмот, а тој е токму таму, помеѓу нив, помеѓу дијалозите. Ретки се многу ретки, речиси ендемски оние режисери, филмски уметници кои, кога ќе го „зграпчат“ вашето внимание, ви го „крадат“и срцето. Точно, ретки се, но ги има, постојат. Еден од нив е германскиот enfant terrible од турско потекло, вечно насмеаниот Фатих Акин, сценарист, режисер, продуцент, актер… некои велат и извонреден DJ. Ако со својот прв краток метар “Sensin-You are the one” ја освојува германската публика и критика, со “Weed” блеснува на меѓународната филмска сцена. На неполни 25 години неговиот сон станува стварност. Во 1998 со својот прв долгометражен игран филм ”Кратко и безболно”/”Kurz und Schmerzloss” го освојува Бронзениот леопард во Локарно, а истата година е добитник на престижната германска награда за најдобар млад режисер на Баварија. Неговата непретенциозност на приоѓањето во суштината на филмската сторија ве залулкува, за во еден единствен миг да ви испрати “метеор“ и вие сте во небрано, не сте свесни дека тоа се случило, се трудите да го вратиме моментот пред мигот… но соголувањето на ликовите продолжува со несмален интензитет, до коска и тоа боли, продолжува да боли. Во секој негов филм, тој комплетно ве предава на основните човекови инстинкти во искажувањето на љубовта, радоста, пријателството, омразата, милосрдието, толеранцијата, вербата, недовербата, одмаздата, преживувањето…и секако болката како исконски предуслов за секоја емоција. Филмската ситуација Акин ја гради како плима, како непозната равенка која ви се „лепи за кожата“ и вие послушно ја прифаќате, а таа се напластува до состојба на драстична самокритика. Тој е редок, би рекла единствен филмски уметник кој самокритиката ја конструира до ниво на вонредна редовна состојба на човековата свест, на неговата социјална ангажираност, на конституција на разумот. Овде особено мислам на сите негови стории кои од историски и современ аспект ја опсервираат германската и турската или дури и балканската нарав. Тие двојности се испреплетуваат, разидуваат, спојуваат за да го достигнат моментот на универзална среќа или несреќа. Фатих Акин во своите филмови среќата и несреќата ги согледува како комплементарни и судбински поврзани, неговите ликови се крајно внимателно креирани во својот манир на движење, приоѓање, изразување. Неговиот начин на работа со актерите ги прави актерите толку блиски до вас, што често се препознавате и се лутите себеси, се срамите, се преиспитувате. И токму така, тој ја има намерата да ве стави во постојана состојба на преиспитување на вашите намери, постапки, чувства. Од 2002 со “Солино”/„Solino”, Фатих Акин започнува една нова соработка со извонредниот кинематографер, Рајнер Клаусман, со кого стануваат водечки европоски и светски тандем, а тој лично започнува една нова авторска одисеја вонеговата сценаристичка и режисерска постапка, каде што во прв план е значењето на обичниот човек во градење на замисленото мултикултурно општество. Со филмот “Со глава в sид“/”Head –on” (за кој во Битола на Браќа Манаки, кинематограферот Рајнер Клаусман ја освои Златната Камера 300), тандемот продолжува да го гради својот култ особено меѓу помладата публика и за овој филм во 2004 година ја освојуваат Златната берлинска мечка за најдобар филм и Европска та филмска награда. Продолжуваат со филмот „На работ на рајот“/”The Edge of Heaven” (Рајнер Клаусман е во компетицијата на Браќа Манаки), за кој Акин е награден за најдобро сценарио во Кан во 2007 година. „Soul kitchen” им е овенчан со специјално признание на жирито на Венецискиот фестивал во 2009 година, за во 2012, Акин да не’ предизвика со долгометражниот документарен филм „Загадување на рајот“/”Garbage in the Garden of Eden”, а со епскиот филм „Рез“/”Cut”, тргнувајќи од својот турски бекграунд како морална обврска, Акин одважно го апсолвира историскиот синдром за геноцидот врз Ерменците. Со ангажираната драма „Од ништо“/”In the Fade” (кинематограферот Рајнер Клаусман во Компети цијата на Браќа Манаки во 2017 ја освојува Сребрената Камера 300, а во 2018, на 39 Браќа Манаки, Клаусман беше член на интернационалното жири), а потоа го добиваат и Златниот Глобус за најдобар странски филм во 2017 година. Нивниот најнов филм „Златната ракавица“/”Golden Glove” (2019), иснпириран од вистински настан, споредроманот на Хајнц Штрук/Heinz Ѕtrunk ја шокираше и критиката и публиката во Берлин годинава, никого не остави рамнодушен. Злото во нас демне, како бактерија која секој ја има, но не знаеш кога и што ќе ја активира. Бизарен и тежок филм, кој не можете а да не го доживете органски. Секое соседство има свој негативец, но не секое има свој монструм. Монструмот кај Фатих е темнината на нашите срца која сите ќе не изеде, буквално. Но покрај монструмот постојат и оние другите, невините кои се почесто исчезнуваат. Преку најневините постапки на обичниот човек ни’ се открива есенцијата на нашето постоење, она малку среќа потребна да ни’ го исполни погледот со бои, со хоризонт што секогаш сме го сонувале или оној тенок прорез на омраза кој не’ уништува и ни’ го полни срцето со црни лалиња. Секој од нас си има свој омилен филм од тандемот Акин-Клаусман, така е и кај нас, имам пријатели кои се заљубиле баш вечерта кога гледале нивен филм и често си ја пееле мелодијата од тој филм. И ден денес го прават тоа, а јас уживам кога ги слушам и кога ги гледам. И јас имам свој омилен филм од Фатих Акин, но нема да ви кажам кој е.

Гена Теодосиевска
Филмски критичар