ПЕРСПЕКТИВИ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ


Слаѓан Пенев
Слаѓан ПеневСелектор на програмата Перспективи на eвропскиот филм

Годинава сме сериозно засилени со бројот на филмови во програмата Европски филмски перспективи, најмногу благодарение на под дршката од програмата Медиа на ЕУ, како и на стратешкиот пристап на фестивалот „Браќа Манаки“ во иднина оваа програма да биде повидлива и препознаена како еден од суштинските белези на овој фестивал.

Филмовите кои се дел и од годинашнава програма се во најголем дел дебитантски или втори филмови на млади режисери, кои се зафаќаат со теми поврзани со некои од најголемите морални предизвици на современиот живот – бегалците, малцинствата, сиромашните, родовата нееднаквост и зависностите.

Секако, најголем дел од филмовите во оваа програма доаѓаат од Југоисточна Европа, иако и остатокот на Европа држи пристојна рамнотежа. Од Албанија имаме интересна приказна запотрагата по човек кој ќе ја спаси честа на бремена девојка, со храбра женска борба против загушувачките стеги на патријархатот. Од Бугарија ќе видиме приказна за мајка и сопруга соочена со суровата борба за преживување и одржување на семејството.

И романската приказна „Лимонада“ за главен лик има мајка која до последен атом од својата сила се бори за овозможување достоинствен живот за себе и своето дете во суровиот Див Запад. Српскиот „Шeвови“ исто така раскажува потресна приказна за мајка која дваесет години се бори за откривање на вистината за нејзиното дете кое државните институции го прогласиле за мртво.

Косовскиот „Куќата на Ага“ нè запознава со едно момче кое расте опкружено од жени жртви на насилство, чии трауматични приказни го оформуваат неговиот свет, сè додека не стане свесен дека една од најважните приказни, за отсуството на таткото, била лажна.

Приказната од Грција ни претставува еден необичен келнер чие педантно секојдневие ќе биде нарушено од појавувањето на еден дијаболичен сосед. Визуелно одлично спакуван во стилот на ноар-филмовите, „Келнер“ претставува одличен дебитантски филм на режисер кој, најверојатно, допрва ќе освојува големи сцени.

Турскиот „Објава“ раскажува за еден пропаднат обид за воен пуч во Турција од пред 50-тина години, со прилично оригинален пристап кој на моменти потсетува на апсурдна комедија, а на моменти и како палп-фикција.

Швајцарскиот „Ним им е добро“ со речиси документаристички пристап претставува една секвенца од дехуманизираната благосостојба на едно од најбогатите општества во кое не можете да најдете никаква емоција дури и во ситуации во кои луѓето би требале да покажат најелементарна реакција кога ќе се соочат со тага, страв или радост.

Белгискиот „Пеколна дупка“ до суптилност доловува една приказна од центарот на Европа, каде и „староседелците“ и „доселениците“ се соочени со својата немоќ и апатија во контекст на една речиси воена тензија што се чувствува во воздухот. Норвешкиот „Додека паѓам“ претставува една извонредно визуелизирана приказна за аутсајдер кој ќе мора да се бори со својата тешка зависност за да добие можност да биде татко на своето дете. Како што може да се забележи од кратково сиже на оваа програма, филмската продукција во Стариот Континент е во одлична состојба и продолжува да го негува авторскиот филм, да ги преиспитува вредностите и да ги критикува општествените хипокризии, а верувам дека гледачот кој сака да гледа европски филмови овој септември во Битола ќе има пристоен избор за негување на оваа убава навика.

Слаѓан Пенев
Селектор на програмата Перспективи на eвропскиот филм

There are no upcoming events at this time.