”Cinematography is the art of light and shadows, visual metaphors and nuances”/ ”Кинематограферството е уметност на светлината и сенките, на визуелните метафори и нијансите“ (Ј. Камински)

Јануш КАМИНСКИ долго време беше на нашата листа меѓу приоритетните светски кинематографери кои мораат да се дел од Клубот на великаните и конечно тоа се случува – наш официјален лауреат на Златната камера 300 на 41. издание на „Браќа Манаки“ е токму тој. Воедно е и најмлад добитник, со само 61 година (роден е во 1959 год., на 27 јуни, во Зибице, Полска, како Јануш Зигмунт Камински), а во 1981 год. доаѓа во САД каде што, по школувањето, фактички ја започнува својата успешна кариера, чии филмски остварувања од неговиот импозантен опус и постигнатите резултати го вбројуваат во врвот на светските кинематографери. Со своите 22 години, на време (од 1982-87 год.) ги започнува студиите на Филмската школа на Колумбија Колеџот во Чикаго, каде што добива титула BA Film, a потоа во 1987 год. дипломирал и на Американскиот филмски институт во Лос Ангелес. Во текот на студиите се зближува и стануваат големи професионални другари со италијанецот Мауро Фиоре (кој ќе му биде и најблизок соработник во подоцнежните ангажмани како кинематографер на втора филмска екипа/second unit или gaffer), а ќе му биде кинематографер и во 2000 год. во филмот ИЗГУБЕНИ ДУШИ/LOST SOULS, што Камински го режира, а во 2010 год. Фиоре ќе го добие и својот единствен Оскар за филмот АВАТАР на Џ. Камерон. Обајцата се дружат и со Федон Папамикаел/Phedon Papamichael (нашиот лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност) и Воли Фистер/Wally Pfister, сите заедно стекнувајќи искуства во раната фаза на своите подоцнежно богати кариери, работејќи во нискобуџетни филмови во продукција на Роџер Кормен.

Светската слава Камински ја стекнува во креативната соработка како тандем партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено 2 Оскара: ШИНДЛЕРОВАТА ЛИСТА/SCHINDLER’S LIST (1994) и СПАСУВАЈЌИ ГО ВОЈНИКОТ РАЈАН/SAVING PRIVATE RYAN (1999), а фактички е кинематографер на негови 7 филмови кои биле номинирани за Oскари за најдобри филмови, меѓу кои се и: МИНХЕН (2002), МОСТ НА ШПИОНИ/BRIDGE OF SPIES (2015), ВЕСНИКОТ ВАШИНГТОН ПОСТ/THE POST (2017), плус трите номинации за Оскари како кинематографер за филмовите: БРОДОТ СО РОБОВИ АМИСТАД/AMISTAD (1998), ЛИНКОЛН/LINCOLN (2013) и ВОЕНИОТ КОЊ/WAR HORSE (2012), a четвртата номинација му е за филмот ПОТОНАТОТО SВОНО И ПЕПЕРУТКАТА/THE DIVING BELL AND THE BUTTERFLY (2008), но во режија на Џулијан Шнабел/Julian Schnabel. Двата освоени Оскара и 4 Оскар номинации се доволно сведоштво за високата кинематограферска класа на Камински, а фактички тоа е збогатено со уште 36 други светски награди и 67 номинации, така што нашата Златна камера 300 само симболично го заокружува неговиот досегашен голем опус.

Со најновите филмови, што се во пост-продукција, соработката на тандемот Спилберг-Камински, со над 20 филмови, спаѓа во редот на најплодните во светски размери, во кои взаемно се надополнуваат и надградуваат во една совпадлива, осмотска креативност. Уште на стартот на нивната соработка го достигнаа својот симболичен врв во ремек делото ШИНДЛЕРОВАТА ЛИСТА, закитено со 10 Оскари, меѓу кои се и нивните индивидуални: за режија на Спилберг и за најдобар кинематографер за Камински, потоа за најдобра сценографија што ја потпишува Алан Старски (за неговата изведба пред се на атмосферата и амбиентацијата во логорот на смртта Аушвиц, инаку на двапати наш гостин во Битола), за сценаристот Стивен Зеилиан, за главната улога на Лиам Нисон, во личноста на автентичниот Оскар Шиндлер, заокружено со Оскарот за најдобар филм што им припадна на Спилберг и Бранко Лустиг (уште еден од нашите лауреати на Златната камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност). Сепак, Оскарот за Камински зрачи со својата специфичност, толку суштинска за секое филмско дело. Во неговата црно-бела фотографија ја доловува историската документаристичка атмосфера на драмата на Евреите, со сета контрапунктност на смрт или живот. Фактички, Шиндлер е посредник меѓу Евреите во краковското гето и ужасот што потоа како жртви го доживуваат во логорот на смртта Аушвиц и џелатите од фашистичката машинерија за истребување, предводени од психопатот, СС-от командант Гет/Goeth (во суптилно доловената идентификациска креација на Ралф Фајнс/Ralf Fines). Значи, во фокусот на драматичните, потресни настани, како што сугерира самиот наслов на филмот, е личноста на Шиндлер и неговата трансформација, кој, од моќник, фабрикант – сопственик на фабрика за муниција, богаташ, во лудилото на војната – бонвиван и женкар, соочувајки се со злосторствата на СС-овците и што се’ им се прави на Евреите, вработени во неговата фабрика – постепено се претвора во спасител, со листите за откуп, за кои се изборува кај Бет и другите фашистички офицери, да не бидат однесени во логорот на смртта. Камински оваа холокаустовска драма ја започнува со колор фотографија, со запалени свеќи кои догоруваат во пламен во боја, додека оди молитвата во една синагога, за потоа низ чадот да се преточи во црно-бела фотографија. Крајот на филмот е секвенцата во тотал, на еден хоризонт се движи огромна колона од преживеани Евреи, за кога ќе започнат да се спуштаат кон камерата, црно-белата фотографија со која е сугерирана нивната историска реалност на жртви, да се преточи во колор со истите тие Евреи облечени во современи облеки, приближувајќи се кон гробот на Оскар Шиндлер, каде, ритуално, секој положува камен во знак на благодарност, за она што тој го сторил за спасените од смрт Евреи. Вториот од двата детала во колор, е и девојченцето во црвен капут, кое е сугерирано како клучна пресвртница во однесувањето на Шиндлер и започнување на неговата амбивалентна за тоа време, несекојдневна и ризична хумана мисија во екот на фашистичкиот погром врз Евреите, со сета драматично-трагична симболика и поетика, а како доказ за маестралната имагинативност на Камински. За доловување на ужасите на Холокаустот и што се’ доживувале Евреите, Камински наизменично користи снимање со камера од рака, за да се прикаже динамиката на злото во гетата и во конц-логорите на смртта, a во ентериерите тоа се повеке статични сцени, но полни со драматика. Така, во секвенцата во фабричката хала, кога, пред полноќното објавување на крајот на војната, Шиндлер им се обраќа на своите преживеани работници Евреи и на германските војници, кои ги тера да заминат дома, или во клучните драматични средби со својот персонален раководител, верниот Ицак Штерн, кој на машина за пишување ги прави списоците за спасените Евреи (во исто така сугестивната креација на Бен Кингсли). Посебно драматичен визуелен тон, како е снимена, има секвенцата кога Шиндлер се разделува од своите спасени работници, кои му подаруваат златен прстен, излеан од забна протеза на еден од нив, во знак на благодарност, при што тој плаче и жали што не успеал да спаси повеќе, додека прегрнат од неколкумина, Ицак го теши дека и 1100 спасени луѓе се големо хумано дело. Како контрапункт и инкарнација на тоталното фашистичко зло, Камински го прикажува и слика СС-от, Бет, во неговото лудило кога со снајпер пука и убива случајно избрани жртви во логорот или да им пука в глава (сцената кога револверот му откажува и не успева да убие една жртва), или ривалитетот со Шиндлер кој го поткупува со пари, дури и неговата слабост да се вљуби во убава Еврејка, против правилата на СС-законите. Тука се и сцените од Аушвиц, доаѓањето на возот со логораши во снежната зимска ноќ, особено и сцената на потстрижување на жените кои голи се внесени во бања, смртно уплашени дали од тушовите ќе потече отровен гас или вистинска вода, а пред тоа и во гетото, со палењето на убиените Евреи во импровизирани дупки, од кои, според реакциите на присутните, војници и логораши, се шири смрдеа од изгорени трупови.

Историската драма од Втората светска војна СПАСУВАЊЕТО НА ВОЈНИКОТ РАЈАН, 5 години по првото тандемско закитување секој со свој Оскар, им ја донесе втората заедничка радост, при што визуелната структура е природно нова креација на Камински, иако исто така базирано на историско-документарни факти, но во поинакви услови на војната. Кога во инвазијата на Нормандија, на Денот Д во 1944 год. и задавањето конечен пораз на германскиот фашизам, е фокусирана драмата за спасување на последниот преживеан од четворицата браќа Рајан (го игра Мет Демон), а во оскаровски закитената интерпретација на Том Хенкс како капетанот Милер, кој предводи одбрана група од 8 војници за специјалната задача добиена од воените власти – да се донесе жив војникот Рајан. Во секвенците на отворање и затворање на филмот, се појавува преживеаниот, сега веќе ветеран, Рајан, кој на воените гробишта му оддава почит и благодарност за спасениот живот на починатиот капетан Милер. По црно-белиот пролог (писмото до мајката на браќата Рајан, во кое ја информираат за загинувањето на другите тројца синови) се отвора филмот со преземената обврска/мисија, да и’ го спасат четвртиот син, војникот од Нормандискиот фронт – Рајан. Инвазијата на Денот Д на Нормандија на сојузничките единици, кои ќе имаат крвави судири со германската војска, со многу жртви во битката на Омаха плажата – снимателски се изедначува со црно-белата, како колор фотографија, градејќи ја документаристичката атмосфера на автентиката на војната, што Камински со својата екипа сниматели ја доловуваат драматично и потресно, како да се влезени во пеколот на војната, своевидна колор-метална визуелна симфонија. Не случајно и сосема коректно и солидарно, при добивањето на Оскарот во 1999 год., од рацете на Ума Турман, Камински, во своето концизно обраќање, најмногу им се заблагодари на своите соработници – снимателите, за нивното ефектно снимање со камери од раце на сцените на борбите. Визуелното богатство на креацијата на Камински и неговите соработници во оваа воена драма е вградено во низа секвенци: со бранови од разлеана крв, подводни снимки на погодени борци, дождливи борбени денови; или, една од најефектно снимените, полна со драматика, кога во борбата за освојување на повисока кота, изложени на непријателскиот оган и со многу умрени и ранети – секвенцата со тешко ранетиот војник кому неподносливите болки другите војници му ги намалуваат со дози од морфиум, за тој набргу, со отворената утроба, конечно да умре. Потоа, смртниот страв и фрустрациите дека се топовско месо на отворена линија на фронтот ги зафаќа и осуммината соборци со кои раководи капетанот Милер. Тој, во кулминацијата на караниците, со вперените револвери во своите глави, ќе се надоврзе смирувачки со приказната за животот што го напуштил таму некаде во Америка, прашувајќи се дали воопшто ќе се врати жив, но со заедничката задача да го спасат војникот Рајан, во второво успевајќи, но во првото, за жал, не. Таа драматика, градена низ борбата за живот или смрт на војниците, со ужасот и хаосот на војната, импресивно визуелно и со ефектна документаристичка гама ја доловуваат Камински и неговата снимателска екипа.

Дека во историските драми во режија на Спилберг, Камински ја наоѓа својата суштина за визуелно-креативно изразување доказ се и трите негови номинации за Оскари во филмовите: ЛИНКОЛН (со Оскарот за актерот Дениел Деј Луис во насловната улога на американскиот претседател од крајот на граѓанската војна и соочувањето со предизвиците за укинување на ропството), сродната од БРОДОТ НА РОБОВИ АМИСТАД (со Ентони Хопкинс во улогата на екс-претседателот Џон Квинси Адамс, кој се изборува за ослободување на робови кои се побуниле на еден брод со кој биле транспортирани во Америка) и ВОЕНИОТ КОЊ (за љубовта на едно момче кон својот коњ, продаден од татко му на британската армија, и за да биде блиску до него, доброволно ќе се пријави за војник во Првата светска војна), сите три филма сликани во соодветна колор гама и динамика, за вградување дух и психологија на времето и личностите.

Сепак, четвртата номинација за Оскар е добиена за веројатно најспецифичниот визуелен израз во творештвото на Камински, а не е во филм на Спилберг, туку е за филмот на Џулиан Шнабел – ПОТОНАТОТО SВОНО И ПЕПЕРУТКАТА, во кој психосоматската имплозија, што тотално ќе го парализира (locked in) автентичниот лик, сопственикот на модниот магнат Elle/Таа (го интерпретира францускиот актер Матје Амалрик), е посебен предизвик за Камински. Имено, по претпоставената професионална моќ и ултра динамичен бонвивански живот кога бил здрав, Камински го доловува во крајната спротивност, како тотален инвалид, немоќен да се движи, со максимално намален вид, помрачување на свеста, одземањето на говорот и осакатување на комуникацијата со надворешниот свет, без скоро никаква телесна активност – сето тоа визуелно да се приближи како своевидна деликатност, низ снимателски минимализам што се граничи со подвиг, за филмот да ја има потребната интрига и драматика!

За да се докомплетира сликата за плодната соработка на тандемот Спилберг-Камински, ги приложувам и следниве покарактеристични филмови: вториот по ред хронолошки, ИЗГУБЕНИОТ СВЕТ: ЏУРАСИК ПАРК/THE LOST WORLD: JURASSIC PARK (1996); ТЕРМИНАЛОТ/THE TERMINAL (2003); А.И. ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА /A.I. ARTIFICIAL INTELLIGENCE (2000); МИНИМАЛЕН ИЗВЕШТАЈ/MINORITY REPORT (2001); ФАТИ МЕ АКО МОЖЕШ/CATCH ME IF YOU CAN (2002); ВОЈНА НА СВЕТОВИТЕ/WAR OF THE WORLDS (2005); ИНДИЈАНА ЏОНС И КРАЛСТВОТО НА КРИСТАЛНИОТ ЧЕРЕП/INDIANA JONES AND THE KINGDOM OF THE CRYSTAL SKULL (2007); ГОЛЕМИОТ ПРИЈАТЕЛСКИ ЏИН/THE BFG (2015, прикажан во програмата Манаки Јуниор). Од другите режисери, за споменување е и филмот ЏЕРИ МЕКГВАЈЕР/JERRY MAGUIRE (1996), на режисерот Камерон Кроу/Cameron Crowe. Камински, како режисер, покрај претходно споменатиот МИРНИ ДУШИ, во 2007 год. го режира и самиот е кинематографер на филмот во тотално полска продукција, ХАНИА/HANIA. Во дослух со цитираното мото на почетокот на овој портрет за Камински, во соработката доминантно во филмовите на Спилберг и другите режисери, Камински применува различен креативен израз приспособен и произлезен од природата на филмот, низ комбинација на техники со адекватни камери, леќи, специјализиран имагинативен микс од лабораториско процесирање, што се стручни финеси на кои секако треба да се бараат одговори од самиот Камински во идната средба со него како наш иден гостин во Битола, на 42. издание на „Браќа Манаки“ во 2021 год.

Благоја КУНОВСКИ-ДОРЕ