21 септември, Битола – „Златна камера 300“ доби кинематограферка Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“.

-Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и нѐ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни, сметаат членовите на жирито.

Наградата во име на Хелен Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин долгогодишен пријател и колега.

-Се разбира, јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен и сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име. Му благодарам на жирито, но длабоко му се заблагодарувам на мојот пријател Ед Лакман, рече Готје.