21 септември, Битола – Оваа вечер му се поклонивме на уште еден филмски маг во оваа 40 јубилејна година на фестивалот „Браќа Манаки“, Јоргос Арванитис. Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови, а работел со Тео Ангелопулос, Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Шлендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лук Дарден, Марко Белокио, Ањешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери…

На Арванитис му беше доделена награда за животно дело „Златна камера 300“.

-Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал кој ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде, бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав, рече Арванитис, кој се заблагодари уште еднаш на поканата и на укажаната чест.

Наградата на Јоргос Арванитис му ја врачи директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.